Антикорупциска влезе во Охрид и Струга – проверува кои плажи немаат концесионери и работат на диво

Од:

Антикорупциската комисија ќе проверува дали физички и правни лица на диво ги узурпираат плажите по должина на охридското и струшкото крајбрежје, дознава „А1он“. Тие бараат од Општина Охрид и Струга да им ја достават целокупната документација за јавното наддавање при доделување на концесиите. Сомневањата се дека компании и поединци узурпираат плажи без да плаќаат давачки кон општината.

Предметот е отворен по сопствена иницијатива, по претходни реакции дека на црно се стопанисува со плажите. Двете општини ќе треба до антикорупционерите да ги достават и активните, но и завршените договори за концесии. Тие ќе проверуваат и дали инспекциите на двете општини реагирале на узурпацијата. Цело лето на двете страни од крајбрежјето се наплаќа и паркинг и лежалки. На ваков начин се оштетуваат општините и граѓаните.

Узурпација на охридските и струшките плажи трае со години. На почетокот од летната сезона, во јуни, Општина Охрид сè уште ги немаше плажите под концесија. Во јули градоначалникот Константин Георгиевски најави дека се работело на документацијата, по што повикот ќе биде распишан. Но, од Општина Охрид велат дека тоа не било реализирано поради донесениот мораториум.

„Поради донесениот мораториум, моравме да ја стопираме постапката на доделување концесии за располагање со плажите што се наоѓаат на охридското крајбрежје. Тоа го налага законот и ние постапивме според него“, велат од Општина Охрид за „А1он“, додавајќи дека ќе постапат по барањето на антикорупциската комисија и ќе ги достават бараните документи.

Концесии за работа немаат ниту оние кои сега на диво работат со струшките плажи. Од Општина Струга молчат и не одговараат на прашањата од „А1он“ за тоа дали ќе ја испратат документацијата до антикорупциската комисија, како и тоа со колку плажи се стопанисува на штета на граѓаните и општината. Останува неодговорено и прашањето зошто градоначалникот Рамис Мерко молчи и дозволува дивеење на крајбрежјето.

Би можело да ве интересира

Само една плажа на струшкото крајбрежје има обучени и лиценцирани спасители

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност

ВИДЕО: Се запали глисер закотвен во Студенчишкиот канал во Охрид

Катерина Ѓуровски