Јужнокорејската претседателка Парк Геун-хе денеска ја повика Северна Кореја да се откаже од разработувањето нуклеарно оружје, затоа што во спротивен случај ризикува да ја продлабочи својата изолација и уште повеќе да ги влоши своите односи со Сеул, соопштија американските медиуми.
Парк Гуен-хе повикот го упати во обраќањето кон нацијата, четири дена по стапувањето на должноста прва жена претседател на Јужна Кореја.
Таа е на функцијата од неодамна, а нејзината популурност веќе е на необично ниски граници. Во парламентот владее безизлезност заради отпорите против нејзините предлози за кандидати за министри и нејзините планови за преструктурирање на владата.
Односите со Пјогјанг, исто така, се затегнати. Во средината на февруари Северна Кореја го изврши својот трет нуклерен тест и соопшти дека ќе продолжи да разработува нуклеарно оружје.
Говорот на Парк Гуен-хе ја одбележа 94-годишнината од протестите против колонијалната управа на Јапонија во Кореја, меѓу 1910 и 1945 година. Таа го повика Токио да ја преземе одговорноста за злоупотребите во минатото.