Овие пранкови или „фејк перформанси“ кои ми беа направени мислам дека се приватни, а не акти на Руската Федерација, рече премиерот Зоран Заев на отворање на бензинска пумпа во Арачиново, настан на кој присуствуваше и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.
„Не смеат вакви работи да се испречат пред нашите пријателски односи и соработката со Русија“, порача премиерот и додаде дека Русија не води специјална војна против Северна Македонија.
Заев потврди дека со рускиот амбасадор денес ќе имаат средба која била договорена од пред десетина дена. Пред новинарите објасни дека вчера разговарал со Тачи и Вучиќ и им се извинил ако некој се навредил од изјавите за Косово и Србија во објавениот телефонски разговор со лажниот Порошенко.
Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кој присуствуваше на отворањето на бензиската пумпа, си замина без изјава за медиумите.
Во дел од говорот на настанот амбасадорот рече дека Русија е заинтересирана за инвестиции и соработка со Северна Македонија и дека сакаат продлабочување на соработката меѓу, како што кажа тој, двата братски народа.