Македонија ја избрале поради преименувањето на државата, Путин не успеале да го добијат телефонски, а за разговор со Макрон чекале две години, откриваат за „А1он“ Алексеј Столјаров и Владимир Кузнецов, попознати како руските пранкстери Лексус и Вован.
Овие 30-годишни новинари веднаш беа достапни на Фејсбук да одговорат на нашите прашања за тоа што ги поттикнало да му се јавуваат на премиерот Зоран Заев, претставувајќи се дека се Петро Порошенко и Јенс Столтенберг. Според Столјаров и Кузнецов, Заев е само еден од стотината функционери кои паднал на нивните местенки.
Тие имаат напишано книга со наслов „За кого ѕвони телефонот“, во кое има посебен дел, „Балканска приказна “ каде пишуваат за балканските политичари со кои имаат разговарано. Ова го работат повеќе од пет години, досега не биле под истрага во ниту една држава и уверуваат дека не прават ништо незаконско со „пранковите“. Почнале со музички ѕвезди и актери, а потоа се заинтересирале за посериозни светски теми, односно, како што велат, „за политичари кои одлучуваат за човечките судбини“.
„Нашите активности се законски. Никогаш не сме биле под истрага во било која земја. Не сме замешани во прислушување или други нелегални активност. Со помош на „пранковите“ го поддржуваме истражувачкото новинарство. До Путин се уште немаме пристап, ниту до Трамп или Меркел и други политичари. На пример, за да разговараме со францускиот претседател Макрон чекавме две години“ вели Владимир за „А1он“.
За Алексеј и Владимир јавноста не знае многу, освен дека „славата“ ја стекнаа на светско ниво преку аудио снимките од телефонски разговори со познати личности, пред сè политичари, на кои им се јавувале претставувајќи се како шефови на држави или влади и челници на меѓународни организации.
На нашето прашање зошто избрале да се пошегуваат токму со македонскиот премиер Зоран Заев, велат дека „им фатил око“ откако почнал да ја обвинува Москва за мешање во внатрешните работи на државата. Контактот од македонската Влада го нашле на официјалната веб-страница, а од кабинетот на Заев им се јавиле за само неколку часа по повикот.
„Не знаевме за Зоран Заев претходно, но гледавме многу интервјуа каде што тој ја обвинува Русија за мешање во внатрешната политика на вашата земја и заклучивме дека тоа е добра причина да му се јавиме и лично да го прашаме. Причината зошто разговорите ги објавиме вчера е затоа што бевме на одмор и имавме време да ги собереме сите снимки заедно и да ги објавиме. Претходно бевме зафатени и фокусирани на други жртви“, ни изјави Лексус.
Владимир е малку потемелен во одговорите, па детално раскажува за првиот обид да контактираат со Заев. Тој тврди дека последен пат премиерот Заев го барал на 4 јуни, но Владимир не се јавил затоа што спиел.
„Ако не грешам, бидејќи беше одамна, ја повикавме канцеларијата на претседателот преку контактите на официјалната веб-страница. Бевме прераспоредени на неговите секретари. Рековме дека се јавуваме од Киев, од претседателот Порошенко кој би сакал да разговара со премиерот на тема економија. Го оставивме нашиот украински број. Неколку часа подоцна бевме повикани и ни беше речено дека премиерот е подготвен да разговара. Се договоривме за погодно време за разговор. Веројатно беше следниот ден. Секретарот ни даде фиксен број каде што требаше да се јавиме. Беше август. Веќе во првиот разговор со Заев, тој понуди да комуницира преку Whatsapp и го остави својот мобилен број. Оттогаш целата комуникација се одвиваше преку Whatspp. Премиерот честопати ни праќаше фотографии од состаноци со политичарите и раскажуваше со кого комуницира. Дури напиша дека се запознал со членовите на украинската влада. Но, тој не разбра дека не разговарал со вистинскиот Порошенко“, вели Владимир.
Вован и Лексус често се мета на напади дека имаат конекции со Кремљ и дека нивните „местенки“ не се случајни туку се организирано сценарио. Во оваа насока беа и обвинувањата на премиерот Заев кој на прес конференција рече дека станува збор анти-НАТО припаганда, од добра организирана структура која таргетира земји со евроатлантски аспираци. Двајцата „пранкстери“ ги негираат ваквите обвинувања.
„Немаме никаква поврзаност со нашата Влада, ова го правиме самостојно“, тврди Алексеј.
Тие велат дека сега бараат преведувач од руски јазик за нивната книга, која планираат да ја продаваат во балканските држави.
Нивни „жртви“ биле претседателите на Франција, Турција и Црна Гора, Емануел Макрон, Реџеп Тајип Ердоган и Мило Ѓукановиќ, косовскиот и црногорскиот премиер Рамуш Харадинај и Душко Марковиќ, венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо, калифорнискиот гувернер Едмунд Џералд Браун, донеодамнешната американска амбасадорка во ОН, Ники Хејли, секретарот за енергија на САД, Рик Пери, првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могери, а последен во низата е Заев.