Градските ривали од Мадрид, Реал и Атлетико ќе играат во финалето на „Копа дел Реј“. Ова е епилогот по одигрувањето на полуфиналните натпревари од шпанскиот куп.
Синоќа во Севиља, истоимената домашна екипа и Атлетико Мадрид одиграа нерешено 2:2, резултат доволен за гостите да обезбедат учество во финалето со вкупна победа од 4:3, бидејќи на првиот натпревар одигран во Мадрид победија со 2:1.
Со 2:1 заврши и првото полувреме од синоќешниот меч. Головите за Атлетико ги постигнаа Диего Коста (6.минута) и Фалкао (29.минута), а домаќините намалија преку Језус Навас во 39.минута. Конечните 2:2 ги постави Иван Ракитиќ во судиското надополнување од второто полувреме.
Во вторникот Реал ја елиминира Барселона со вкупни 4:2 и прв обезбеди учество во завршницата од ова натпреварување.
Финалето на „Копа дел Реј“ е закажано за 18 мај.