Советот за безбедност на Обединетите нации одржа итна седница за Либија зад затворени врати, но диплимати велат дека САД спречиле ова тело на ОН да издаде соопштение во кое го осудува воздушниот напад на мигрантскиот центар во Либија, во кој загинаа 44, а повредени се повеќе од 130 мигранти.
Како што пренесуваат светските агенции, претседавачот со советот за безбедност, перуанскиот амбасадор Густаво Меза – Суадра најави дека ќе биде објавено соопштение со осуда за нападите, но дека се уште нема согласност околу текстот.
Според дипломатите во СБ на ОН, САД очекуваат инструкции од Вашингтон.
Претходно генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика да се спроведе независна истрага и одговорните за нападот да бидат изведени пред лицето на правдата.
Либиската Влада со седиште во Триполи за нападот ги обвини силите на либиската национална армија и генералот Калиф Хафтар, кој веќе три месеци води офанзива над Триполи.
Меѓутоа, силите на Хафтар тврдат дека гаѓале воена локација во близина, а не прифатен центар за мигранти.