Електрани на Северна Македонија им купи најнови модели на мобилни телефонски апарати на вработени во РЕК Битола. На електронскиот систем за јавни набавки објавен е договор меѓу ЕСМ и фирмата „Марк ИТ ДООЕЛ“, во кој пишува дека енергетската компанија купила пет „Самсунг галакси с10+“ мобилни телефони во вкупна вредност со ДДВ од 269.040 денари или приближно 4300 евра.
Местото на испорака на телефоните е дирекцијата на ЕСМ во Скопје. Носителот на набавката треба да обезбеди и гаранција од 2 години за секој од апаратите. Фирмата „Марк ИТ ДООЕЛ“ победила на е-аукцијата бидејќи понудила најниска цена. ЕСМ проектирало 5000 евра за петте телефони, а потрошиле 700 помалку.
Телефоните се со широк дисплеј, осумјадрени процесори, висока резолуција на сликата и квалитетни камери.
Договорот е потпишан од генералниот директор на ЕСМ, Драган Миновски и од генералниот директор на фирмата, Бојан Димитровски.