Државниот инспекторат за транспорт, во текот на јануари 2013 година извршил 381 инспекциски надзор, по кои издал 18 покани за наплата на глоба и 28 платни налози за лицата кои ги прекршиле законските одредби, поднел 79 барања за поведување прекршочна постапка до надлежните судови, и до надлежната комисија за прекршоци. Заради констатирани нерегуларности, во текот на минатиот месец се одземени осум возила со кои се вршел незаконски јавен превоз на стока и патници без дозвола, односно лиценца.
– Државниот инспекторат за транспорт согласно Законот за јавни патишта во континуитет врши инспекциска контрола во однос на изградбата, одржувањето и заштитата на патиштата и патниот појас, мостовите, сигнализацијата, опремата на патиштата и врши проверка на оптоварување на патиштата од возила. Редовно се вршат и акциски контроли согласно Законот за превоз во патниот сообраќај на сите автобуски станици во Република Македонија каде се следи редовноста и уредноста на меѓуопштинските и меѓународните линии како и исполнување на соодветните техничко-експлоатациски услови на возилата со кои се извршува превоз на патници, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.
Во него се додава дека во соработка со Царинската управа и Граничната полиција, Државниот инспекторат за транспорт врши контрола на влез и излез на граничните премини и за сите констатирани неправилности ги презема соодветните законски санкции.