Мадрид е подготвен за најголемиот фудбалски спектакл што ќе се одржи утре. Еуфоријата расте, а на само еден ден пред финалниот меч меѓу Ливерпул и Тотенхем, Англичаните пристигнуваат во сè поголем број. На финалната церемонија пред почетокот на натпреварот на стадионот Метрополитано ќе настапи рок-групата од Лас Вегас, Imagine dragons.
„Чест ни е да го отвориме финалето од Лигата на шампионите и да настапиме за најстрасните спортски обожаватели на планетата. Тоа ќе биде одлично шоу во Мадрид“, велат Imagine Dragons.
Отворањето на финалето од Лигата на шампионите ќе биде со различна пиротехника, специјални ефекти, танчери и многу друго. Се очекува во арената в сабота да се случи вистински спектакл.
Остана уште еден ден до големото финале од Лигата на шампионите каде силите ќе си ги одмерат тимовите на Ливерпул и Тотенхем. Неизвесно е кој ќе издвои победа, но поддржувачи од целиот свет ќе ги бодрат на стадинот во Мадрид. Низа настани се одвиваат пред почетокот на големото финале, од фестивали до спортски активности. Фан-клубови се поставени на неколку плоштади.
Главните настани од Лигата на шампионите овие денови се одржуваат на четири плоштади во Мадрид, а истовремено, на плоштадот „Плаза де Мајор“ се одржува Champions festival.
Од Мадрид, Кристијан Ландов