Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш изјави дека се воодушевува на храброста и солидарноста што Нов Зеланд ја покажа по мартовскиот терористички напад.
Гутереш кој е во посета на Нов Зеланд, во Оукленд се сретна со премиерката Џасинда Ардерн.
Генералниот секретар на ОН истакна дека за време на Рамазан вообичаено посетува една муслиманска земја, но по терористичкиот напад на Нов Зеланд се одлучил да ги посети муслиманите во таа држава.
Гутереш ја пофали Ардерн за апелите за запирање на екстремистите и за новиот закон за контрола на оружјето. Тој за време на тридневната посета на Нов Зеланд ќе ги посети и Кристчрч, каде ќе се сретне со муслиманите.
Во терористичките напади врз џамиите Ал-Нур и Линвуд во Кристчрч на 15 март загинаа 51 човек, а 49 беа повредени.
Гутереш се осврна и на климатските промени истакнувајќи дека „видливо избледува политичката волја во борбата против климатските промени, а се влошува ситуацијата за тие кои ги чувствуваат последиците од истите“.
Тој додаде дека државите не ги исполниле обврските од Парискиот договор од 2016 година.
– Не смееме да дозволиме неконтролирани климатски промени. Мораме да ги заштитиме животите на луѓето и нашата планета, посочи Гутереш.
Генералниот секретар на ОН по Нов Зеланд ќе ги посети Фиџи, Тувалу и Вануату како би укажал на проблемите предизвикани од климатските промени.