Само со право и правда може да има вистинско сојузништво меѓу граѓаните без разлика на нивната етничка и верска припадност, истакна Сиљановска денеска во Ѓорче Петров.
Само со право и правда и само околу правото и правдата може да има вистинско сојузништво меѓу луѓето без оглед на етничката, јазичната верската припадност. Се друго е пазар и илузија, вели таа.
Сиљановска Давкова додаде дека е благодарна на сите граѓани кои и дале поддршка на 21 април и дека ќе може да го исполни она што го ветила пред граѓани, потенцирајќи дека на претседателските избори се гласа за човек кој ќе ја води нацијата и ќе работи во интерес за сите граѓани, додавајќи дека само со масовна поддршка за нејзе ќе се спречи гласањето на претседател на државата во Собранието.
Јас сум неверојатно благодарна на граѓаните оти велам се надевам дека ќе дојде денот кога нема партиите да бидат тие кои што ќе тргуваат со граѓанските гласови туку секој сам индивидуално ќе си го искористи своето избирачко право зад кутијата верувајќи дека гласа, особено на претседателските избори, не за партија или не само за партија туку пред се за личност. Затоа јас сум една од оние кои се огромни противници за избор на претседател во Собранието. Граѓаните се помудри, граѓаните знаат да направат прав избор, кажа Сиљановска Давкова.
Таа го искоментира и резултатот од првиот изборен круг на претседателските избори, каде што рече дека резултатите од првиот круг испраќаат порака на власта која што иако се нарекуваше реформска влада таа освен со промена на името не може да се пофали со ниту една друга вистинска и суштинска реформа која е потребна на Македонија за подобра живот на граѓаните во Република Македонија.
Резултатите од првиот круг многу кажуваат, но испраќаат и порака. Затоа го имате моето ветување дека јас компромиси со право не правам. Правото треба да се спроведува, за него не треба никој да преговара, ни партија, ни личност. За жал, тоа го прават. Го потрошија времето 26мина само на Преспанскиот договор и само на Спогодбата со Бугарија.
Не велам дека со соседите не треба да се договараме и преговараме, меѓутоа во меѓународното право се зборува за рамноправност на субјектите. Ама што заборавија? Не можете да имате само алиби во раце наречено договор, треба ако сте се нарекле реформска влада, да не ја сведете реформата само на болната промена на името, туку да го реформирате образованието, здравството, социјалната заштита, економијата, да се фатите во костец со корупцијата и криминалот а не да ги мултиплицирате, да ставите крај на непотизмот и на фамилијарните односи зошто костурот на државата е бирократијата, посочи Сиљановска Давкова.
Таа додаде дека ќе си ги ограничи претседателските привилегии бидејќи лично таа смета дека е срамота да се има толку советници и министри, заменици директори на директорите во држава која што е сиромашна. Срамота е мислам дека реформата треба да започне од оние на власт.
Како што јас ќе си ги ограничам привилегиите така мислам дека една одговорна власт требаа да сфати дека вака веќе не може. Слушнавме од Меркел, слушнавме од Хојт Ји, од Макрон, од кого ли не слушнавме доста е со глумење демократија на Западниот Балкан, доста е со импровизации, доста е со глумци, објасни Сиљановска Давкова.
На крај таа додаде дека би била среќна доколку Македонија добие датум за преговори но за жал е се подалеку за почеток на преговори со Европска Унија Ние сме далеку од почеток на преговорите, ние сме далеку од ЕУ.
Во ЕУ се оди со владеење на правото, со просперитетна економија, со корупција и криминал сведени на нула, со крај на непотистичките вработувања, но за жал Македонија не е таква земја, кажа Сиљановска Давкова.