Поради предистрагата за Бучковски во СЈО, неизвесно е дали ќе сведочи во „Маѓар телеком“

Од:

На денешното судско рочиште за случајот „Маџар телеком“ на СЈО, адвокатите на одбраната уште еднаш побараа експремиерот, Владо Бучковски, да сведочи во постапката. Обвинителката Лиле Стефанова рече дека ѝ треба време да се произнесе за овој предлог.

„За да се произнесам по овој предлог потребно е СЈО да преземе други дејствија зашто Бучковски се јавува како осомничено лице во друга предистражна постапка која е тесно поврзана со овој предлог“, рече Стефанова. Бучковски можеби ќе стане обвинет, па затоа не може да се појави и како сведок. На наредното рошиште кое е закажано за 8 мај треба да сведочи професорот Борче Давитковски, а Слободан Богоевски е предвидено да сведочи на 24 јуни.

Јавното обвинителство со години истражуваше дали ексфункционерите Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери зеле мито во аферата „Маџар телеком“.

Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“. На тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за 2 милиони евра бидејќи Владата во тој период поседуваше 47 отсто од акциите во компанијата.

Во предметот беше обвинет и Гркот Михаил Кефалoјанис, но обвинителот Марко Зврлевски за него ја отфрлил пријавата. Според обвинението, на сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Плат и Кишјакус. Првото судење се одржа на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.

Тројца ексдиректори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар. Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултански и маркетинг-услуги.

Штрауб и Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија глоби, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди и плати глоба од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.

Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ, Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот двапати на суд, но Апелациониот суд повторно ја укина пресудата.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Вкупна казна од 24 години за тројцата обвинети за предметот „Маџар Телеком“

Ана Ололовска

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Предистрагата за високите бонуси на поранешните специјални обвинители не мрда од „мртва точка“

Кристијан Ландов

Не се загрозува ниту еден предмет покренат од СЈО со враќањето на повторно одлучување, вели Заев

Ана Ололовска