Домашни претпријатија кои спровеле успешна иновација во своето работење се потенцијални добитници на парична награда што ја доделува Фондацијата „Претприемачки сервис за млади“.
На конкурсот што има за цел да промовира успешни бизнис модели и достигнувања базирани на иновации и нови технологии од македонски компании во сите индустриски сектори ќе бидат избрани три фирми што ќе добијат по 200 илјади денари, средства што ќе можат да ги користат за унапредување на конкурентноста на иновацијата и интернационализација на бизнисот.
Заради подобро запознавање со условите за учество на конкурсот, денеска во Охрид ќе се одржи информативен настан, на кој потенцијалните апликанти ќе можат подетално да се запознаат со начинот на аплицирање и критериумите за избор на најдобрите апликанти.
Заинтересираните компании ќе можат да аплицираат на една од трите категории и тоа старт-ап, мала и средна компанија. Конкурсот е отворен за сите индустриски сектори. Најдобрата компанија од секоја категорија ќе добие признание за успешност и ќе биде промовирана на првата манифестација „Иновативно претпријатие на годината“ што ќе се одржи на 29 мај во Скопје.