Властите на мозамбичкиот град Беира, чиј регион пред две недели беше погоден од циклонот Идаи при што загинаа најмалку 518 лица, денеска соопштија дека е потврден првиот смртен случај на лице заболено од колера.
Според истиот извор, досега во Беира и неговата околина се регистрирани вкупно 517 лица заболени од колера.
Со цел да се спречи ширењето на колерата, во Беира, град со околу 500.000 жители, се поставени мобилни амбуланти.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека во градот ќе бидат испратени околу 900.000 дози на вакцини против колера.
Колерата е болест што се шири преку конзумирање заразена вода и храна и се лечи релативно лесно доколку се открие на време. Во спротивно, таа може да има смртни последици за релативно кус период од неколку часа.