Обвинетиот Александар Трајковски во случајот „Насилство во Центар“ снимките од протестите кои денеска беа репродуцирани во судницата, а на кои се слушаат погрдни зборови за ексградоначалникот на Центар, Андреј Жерновски како и за семејствата на советниците од СДСМ, ги проследи со насмевка на лицето.
На видео записите направени од страна на МВР за време на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година се гледа како Трајковски ја координира толпата стоејќи во првите редови. Тој заедно со останатите учесници на протестот прво извикуваат навредливи зборови за советниците и градоначалникот Жерновски, а кратко по тоа почнуваат да удираат по прозорците на општината. Во тој во просториите на општината се одржува седница на Советот на чија точка на дневен ред е деталниот урбанистички план на Центар.
На една од снимките се гледа како ексградоначалникот Жерновски, а потоа и тогашниот претседател на општинскиот Совет, Мирослав Шиповиќ им објаснуваат на разгневените граѓани дека во општината не смеат повеќе да се сечат дрвата и да се гради бидејќи е презагадено.
Како што можеше да се види и слушне од снимката, овој говор на Шиповиќ беше прекинат од страна на граѓаните со пцовки и навреди кон него и неговото семејство. Обвинетиот Александар Трајковски кој пред неколку месеци беше виден во Будимпешта со експремиерот Никола Груевски цело време додека траеше снимката не ја симна насмевката од своето лице.
За насилството пред просториите на општина Центар што се случи во 2013 година првообвинет е експремиерот Никола Груевски. Освен него и Трајковски обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште осум лица. Тие пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски по што добија условни казни.
Виктор Јованов