Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска претседаваше со 15-тиот состанок на Советот за Стабилизација и Асоцијација, тело коешто во моментов претставува највисокото тело за одржување на формалните односи помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија.
По состанокот, премиерот Заев одржа заедничка прес-конференција со потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и со комесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
„Секогаш е убаво, и убаво се чувствуваме во Брисел, во седиштето на Европската Унија, наскоро нашиот втор дом, меѓу нашите пријатели и партнери од европското семејство.
Тоа се исклучителни настани и можности за да се провериме себе си за напредокот на нашата земја во европските интеграции, и да ги слушнеме препораките и охрабрувањата.
Денеска го одржавме петнаесеттиот состанок на Советот за Стабилизација и асоцијација меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, во исклучително важен и историски период за нашата земја.
Заеднички е констатиран и поздравен континуиран напредок во сите клучни реформски области.
Посебно беше поздравен напредокот на планот на унапредување на односите со сите соседи, со особен акцент на Договорот од Преспа со Република Грција.
Заедно со Договорот со Република Бугарија, поставен е силен пример за другите земји од регионот и пошироко, како да се зајакнат добрососедските односи.
Подвлечена беше, важноста за континуирано спроведување на овие договори. Тоа е наша одговорност на која сме целосно посветени во овој период.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација останува да биде во фокусот на односите меѓу Македонија Република Северна Македонија и Европската Унија сѐ до пристапувањето на земјата во ЕУ.
Оваа година успеавме да направиме видлив напредок во исполнување на стратешките цели на државата: членство во НАТО и во ЕУ.
Нашето членство во НАТО е сосема извесно, а реално е и нашето очекување за донесување на одлуката во Европскиот совет во јуни 2019 година за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Република Северна Македонија, паралелно со големата посветеност на решавање на отворените билатерални прашања, во континуитет ги спроведуваше реформските процеси во земјата. Особено внимание посветивме на реформите во клучните области правосудство, реформа на разузнавачките и безбедносни служби, борба против корупцијата и реформа на јавната администрација. Во периодот пред нас ќе работиме уште повеќе и уште подобро, заедно со опозицијата и сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, за остварување на сите преостанати задачи кои можат да имаат влијание за одлуките во јуни, но и за подобрување на животот на нашите граѓани.
Отворањето на пристапните преговори останува примарна цел на Република Северна Македонија. Уверени сме дека имаме силни аргументи кои ќе им овозможат на земјите членки на ЕУ да донесат одлука за отворање на преговорите во јуни, врз основа на препораката на Европската комисија, за која се надеваме дека ќе биде позитивна и оваа година.
Изразуваме задоволство од интересот на Европската Унија за задржување на фокусот кон Регионот и неговата европска перспектива и апелираме да се земат предвид околностите и важноста соодветно да се продолжи со вреднување на постигнатото.
Европските институции можат и понатаму да сметаат на Република Северна Македонија како на доверлив и веродостоен партнер во вградувањето на европските демократски вредности во целиот регион кој ја потврдува својата стратешка ориентација колку што може побргу да стане интегриран дел од Европската Унија“
Во нашата земја, Република Северна Македонија реформите даваат резултат и билатералните договори со Грција и Бугарија даваат резултат. Економските параметри ги кршат сите рекорди, бројот на странски инвестиции е двојно поголем од било која година до сега, се намалува невработеноста, расте индустриското производство и извозот, и истовремено се профилираме како земја којашто преку билатералните договори и успешните реформи навистина во пракса покажува дека е вредно низ дијалог да се постигнуваат договори со своите соседи, и со реформите да се биде доволно атрактивен за домашните и странските инвестиции“, изјави Заев.