Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски внесе забуна во јавноста. Првиот човек на органот надлежен за спроведување на изборите, и кој мора да биде одличен познавач на Уставот и изборниот закон, во интервју изјави дека ако и во првиот круг за избор на претседател ја нема потребната излезеност од 40 проценти, тогаш изборите ќе пропаднат, се распишуваат нови избори кои ќе треба да се одржат за 40 дена.
Одредбите од Изборниот законик, го демантираат Дерковски бидејќи, за првиот круг не е предвиден цензус од 40 проценти излезност како за вториот. Законодавецот пропишал дека за претседател на Републиката во првиот круг е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател на Републиката не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето и за претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку
гласале повеќе од 40% од избирачите.
Дерковски, но и службата која се обиде да го извади од грешката, не е јасно од каде извлекоа заклучок дека изборите, доколку нема цензус ќе ги организираат во рок од 40 дена. Законот е јасен, доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Ова значи се повторуваат сите изборни дејства и роковите.
Најверојатно ги помешале роковите за одржување на избори во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката, од кои и да е причини, кога изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.
И да е во прашање незнаење или намерна грешка, недозволиво е претседателот на ДИК да излегува со вакви погрешни изјави.