Новото министерство – потреба или шанса за партиски вработувања?

Од:

Наместо предизборното ветување на СДСМ за намалување на бројот на министерства, Владата на премиерот Заев ќе добие рекорден број, по најавата за формирање уште едно министерство. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое треба да биде всушност замена за генералниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, во јавноста се толкува како нова прераспределба на министерски места меѓу коалициските партнери, но и како шанса за вработување на партиски кадри.

Според универзитетскиот професор по административно право и јавна администрација, Драган Гоцевски, непотребно е формирање ново министерство , туку напротив треба да се намали бројот на 11 министерства. Дополнително смета тој дека станува збор за надлежности кои би требало да ги има новото министерство, а кои би се поклопувале со други инстиуции како Министерството за правда, Комисијата за односи со верските заедници, но и Агенцијата за употреба на јазиците која треба да се формира со новиот Закон за јазици.

„Законот се осврнува само на трансформација на Секретаријатот за спроведување на охридскиот договор и сите, околу 1000, вработени, на преземање на „Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците“ од Министерството за образование и наука и на „Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во РСМ која се презема од Министерството за култура“. Предлог законот има и неколку „наддржавни“ надлежности како вршење на работите кои се однесуваат на функционирањето на политичкиот систем, гарантирањето на идентитетот на (сите!?) заедниците па и меѓународна соработка за прашања кои се однесуваат на политичкиот живот (пасивно и активно избирачко право?!, право на собири!?, на локално или на национално ниво и како овие внатрешни прашања ќе ги разгледува меѓународно?!).

„Ново министерство не може да се оправда со ниту една емпирија, не постои оправдување кое би довело до зголемување на бројот на институции на централно ниво. Од 2009 година бројот е пораснат непропорицонално со обемот на услуги кои тие го пружаат. Мислам дека во Македoнија бројот треба да падне на 11 министерства. Грешка беше што и во 2008 година се додаде уште едно министерство за администрација и информатичко општество. Треба да се направи консолидација на многу централни органи, посебно органи на државна управа и органи на држава кои имаат сродни надлежности. Патиме од голем број политичари – има премногу директори, членови на надзорни и управни одбори… Ново министерство не гледам како би го зголемило обемот на услуги“ смета универзитетскиот професор Драган Гоцевски.

Гоцевски прави паралела и со другите европски држави како Словенија која има сличен број на население како Македонија, но е поразвиена и има излез на море, а има 14 министерства. Ирска има 17 министерства, Франција 16, а Обединетото Кралство со 60 милиони луѓе има 25 министерства.

Споредбено и со другите држави од соседството, кои имаат над 7 милиони жители Македонија предничи во бројот на министерства. Србија има 21 министерство, Бугарија 19, Албанија 15, додека бројот на министерства во Грција е променлив , но без алтернативните министри во моментов има 23 .

Бројот на министри во Владата на премиерот Зоран Заев вклучувајќи и ги вицепремиерите и министрите без ресор изнесува 25. СДСМ како опозиција најавување редуцирање на бројот на министерства.

„Македонија е убедлив негативен рекордер, 26 министри – и да се два милиона што не се, на 81.000 луѓе во државата имате по еден министер. Ако ја погледнете Гeрманија на пет милипни луѓе – еден, ако проверите Естонија, еве земји блиски по големина со Македонија – Латвија, Естонија, ќе видите 90, 100, 150 илјади граѓани на еден министер. Тоа сметаме дека мора да се промени. Бројот на министри во Владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20 и ќе гледаме тој број да се намалува, а ќе почнеме разговори со сите други партии во парламентот за да го намалиме и бројот на пратеници помеѓу 90 и 100, што сметаме дека највеќе ќе одговара на Македонија“, изјави Радмила Шеќеринска на 7 октомври 2015.

На предлогот за формирање ново министерство, доставен до Собранието, потпишани се Јован Митрески од СДСМ, Артан Груби, Џеват Адеми, Реџаиљ Исмаили и Ејуп Алими од ДУИ, Панчо Минов независен од ГРОМ и Зеќир Рамчиловиќ од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за два закони – Закон за Влада и Закон за организација и работа на органите на државната управа. Во образложението на предлогот пишува дека ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства, но се наведува колку. Предвидено е да стапи на сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“, но дека ќе се применува од 1 јуни 2019.

„Заради функционирање на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, спроведување на Охридскиот рамковниот договор и принципите кои произлегуваат од овој Договор како и унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија, се појави потреба да се основа ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците“, пишува во образложението на законските измени, а на дневен ред на Собранието ќе се најдат на 14 март.

Галена Николовска-Ризвановиќ

Би можело да ве интересира

СДСМ: Нов скандал, Тошковски го ослободил бодигардот на Мицкоски кој тепаше полицаец

СДСМ: Владата нема ниту желба ниту знае како да ги регулира високите цени на производите

СДСМ: Тошковски и МВР конечно признаа вина кај Наим Рамука

ВМРО-ДПМНЕ: Eнергетскиот сектор во Македонија е на дното, народните пари се трошеле недомаќински

СДСМ: Лага е дека се исплаќаат субвенции од преходните четири години, неспособната власт доцни

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Ако Мицкоски лаже сликите се јасни, еве ги активистите од настаните со црквата во Галате