Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи изврши увид на лице место во струшкото село Поум каде вчера во попладневните часови беше лишено од живот едно лице на возраст од 23 години. Обвинителот издаде наредби за прибирање и вештачење на пронајдените траги, како и наредба за вршење обдукција над починатото лице.
„Настанот се случи околу 18.30 минути, кога на локален пат во близина на Струга со огнено оружје е пукано во сега починатиот и неговиот татко (46). Оштетените се движеле по патот со патничко моторно возило кога до нив се доближил осомничениот (22), управувајќи со друг автомобил. Осомниченото лице започнало да пука, најпрвин со пиштол, а потоа и со ловечка пушка, при што сега починатиот е смртно погоден, а неговиот татко се стекнал со тешки телесни повреди. По извршување на делото, осомничениот се дал во бегство, за подоцна самиот да се пријави во полициска станица“, велат од ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомниченото лице сторило кривични дела „убиство“ од член 123 став 2 точка 3 и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 од Кривичниот законик. Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Струга ќе достави и предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.