Северна Кореја го информира својот клучен сојузник Кина, дека е подготвена да изврши уште една или две нуклеарни проби оваа година, обидувајќи се да ги принуди САД да започнат дипломатски преговори со Пјонгјанг, изјави извор запознаен со севернокорејското прашање.
Новите нуклеарни проби би можеле да бидат придружени од ракетно тестирање, додал изворот.
Изолираниот режим ја изврши третата подземна нуклеарна проба во вторникот, со што предизвика глобална осуда и строго предупредување од САД, кои тоа го оценија како закана и провокација.
– Се е подготвено. Четвртата и петтата нуклеарна проба, како и истрелувањето на ракетата, може да биде извршено наскоро, веројатно оваа година, посочил изворот. Тој истакна дека четвртата нуклеарна проба може да биде помоќна од третата.