Денеска завршува конкурсот на СДСМ за кандидат за претседател на државата. Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ќе се обиде со лидерот на ДУИ Али Ахмети да најдат заеднички консензуален кандидат за, како што велат, иднината на државата и единство помеѓу граѓаните.
Вчера на средба двајцата лидери заклучија дека личност која ќе ги претставува сите граѓани на Република Северна Македонија и ќе прати порака за едно општество за сите треба да биде заедничкиот кандидат за претседател на Република Северна Македонија кој ќе се обидат да го најдат.
– Станува збор за вредна шанса, што можеби ќе успее, а можеби не. Ова не е лесно, но драго ми е што има квалитетни кандидати. Договоривме да ги споделиме анализите и анкетите, што ќе бидат од голема помош во изнаоѓањето кандидат зад кој стојат и Македонците и Албанците и помалкубројните етнички заедници во државата, изјави Заев по средбата и изрази верување дека при крајот на неделата ако има шанси за заеднички кандидати имињата ќе излезат на површина.
Убеден е дека процесот ќе заврши со успех затоа што е важно заради иднината на државата, заради концептот едно општество за сите и да се испрати повторно порака на единство помеѓу граѓаните.
Али Ахмети, пак, изјави дека одлуките што ќе се носат треба да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите.
Партиските органи во наредните денови ќе ги продолжат консултациите за можноста за зеднички претседателски кандидат. До крајот на неделата ќе има оформено став дали е можен заеднички настап, а на почетокот на другата недела треба веќе да се определуваат имињата.
И Ахмети и Заев отфрлија дека ќе се кандидираат за шеф на државата.
Освен со Ахмети, Заев најави дека ќе има средби и со другите политички партии од и надвор од владината коалиција.
За Заев како заеднички претседателски кандидат не е прифатлива професорката Гордана Силјановска, која ВМРО-ДПМНЕ на партискиот конгрес ја избра за нивен претседателски кандидат.
-Имам почит кон сите, дури и кон политичкиот противник кој застана зад професорката, но таа е сосема спротивно од концептот што оваа Влада, мнозинството граѓани го развиваат во Македонија, па дури е спротивна на концептот едно општество за сите, рече Заев.
Конкурсот на СДСМ за пријавување на кандидати за претседател на државата завршува денеска, а кој ќе ја претставува владејчката партија во претседателската трка ќе се знае на конгресот закажан за 3 март. Единствен кој досега има поднесено кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов. Шестите претседателски избори беа распишани од претседателот на Собранието, Талат Џафери на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.