Планинскиот тркач Александар Кирковски реализира брзинско искачување на Аконкагва

Од:

Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски вчера реализира брзинско искачување на највисокиот врв во Јужна Америка – Аконкагва, на 6.962 метра надморска височина на Андите. Поаѓајќи од базниот камп Плаза де Мулас, на 4.300 метри надморска височина во 7 часот, на Кирковски му биле потребни 9 часа и 52 минути за искачување на врвот и враќање назад.

Ова брзинско искачување претставува пионерски потфат во балкански рамки, но и резултат вреден многу пошироко. Вообичаеното потребно време за искачување на Аконкагва е три-четири дена.

„Не беше воопшто лесно, во првите часови имав проблем со мрзнење на стапалата и не знаев дали ќе можам да продолжам. Го дадов својот сопствен психофизички максимум и презадоволен сум од постигнатото. Ова е резултат на многу години труд и ентузијазам, нека биде мотив за идните генерации планински спортисти. Им благодарам на сите што дадоа поддршка и посебно на Димитар Тодоровски, кој е овде со мене“, изјави Кирковски.

Врвот Аконкагва нема техничка тежина, но се карактеризира со многу ниски температури и силни ветрови, а концентрацијата на кислород на врвот е само 40 отсто во споредба со морското ниво. За Александар, ова е второ искачување на Аконкагва во неколку дена кога на 9 февруари го искачи врвот заедно со Димитар Тодоровски. Претходно има поставено најдобри македонски времиња на Мон Блан, Елбрус, Матерхорн и други врвови.

Акцијата е дел од програмата на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, поддржана од Агенцијата за млади и спорт, како и повеќе спонзори и пријатели. Подвигот е посветен на пријателите планинари Калина Велевска и Александар Миновски, кои трагично настрадаа на Кајмакчалан минатиот февруари.

Би можело да ве интересира

Полицијата ги пронајде планинарите кои се изгубија во тетовско

Хорор во Италија: Познат скијач и неговата девојка паднаа во провалија длабока 700 метри

Предраг Петровиќ

Од ФПСМ излегоа со ФБ соопштение во врска со состојбата на алпинистот Здравко Дејановиќ при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите

Предраг Петровиќ

Во несреќен случај во Албанија, загина жена од Осиек

Македонски планинари го искачија Аконкагва, највисокиот врв во Јужна Америка

Планинар преживеа пад од височина од 600 метри

Предраг Петровиќ