Дваесет и два развојни проекта предложени од граѓанските организации ќе добијат вкупно 270.000 евра во грантови од Европската унија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во пет партнерски општини, и тоа Гостивар, Кавадарци, Куманово, Ресен и Струмица. Постојаниот претставник на УНДП Нарине Сахакјан, на денешната презентација на грантовите , рече дека проектите ќе помогнат да се решат проблеми на локално ниво, а се однесуваат најмногу на маргинализирани групи, како што се луѓе со инвалидитети, невработени и други.
– Проектот има три главни цели, првата е да се помогне на општините да одговорат на потребите на најранливите групи, потоа ќе работиме на градење на капацитетите на организациите на граѓанското општество и третата, а најважна цел, ќе помогнеме во олеснување на соработката меѓу општините и граѓанските организации, објасни Сахакјан.
Шефот на делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмат, додаде дека проектите се однесуваат на подобрување на јавните услуги, на родова еднаквост, подобрување на животната средина, како и на социјалната кохезија.
– Ова се клучни прашања во процесот на пристапување на државата кон ЕУ. Кога еднаш ќе почнат преговорите, ние дефинитивно ќе гледаме кон овие прашања, бидејќи тоа се суштински прашања и во поглед на водењето на правото и на основните права на граѓаните, рече Јанмат.
Градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, посочи дека проектите опфаќаат различни дејности, како што се сектор за туризам, пчеларство, земјоделие и други дејности.