Македонскиот премиер, Зоран Заев изјави во интервју за сараевската „Н1“ дека пред бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се состанал со српскиот претседател, Александар Вучиќ и унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
„Тој бил кај нив. Тоа е јавно објавено и протоа не е јасно за што разговарале. Остана тајна. Груевски побегна од Македонија преку Албанија, каде го пречекало унгарско дипломатско возило, по што ја минал границата со Црна Гора. Таму го чекале други унгарски дипломати, а потоа ја преминал границата со Србија и на крајот стигнал во Унгарија“, изјави Заев.
Додаде дека сѐ ќе биде објавено кога ќе заврши истрагата што се води во Македонија.
„Уверен сум дека Груевски ќе ја отслужи казната за злоупотреби во Македонија“, рече Заев.
Тој не очекува заедно со грчкиот премиер, Алексис Ципрас да биде добитник за Нобеловата награда за мир бидејќи вели дека има поважни работи од овој договор.
„За мене е голема чест што сум номиниран за оваа награда“, рече Заев и додаде дека номинацијата ја смета за афирмација на Македонија.
Заев во интервјуто заклучи дека историјата не смее да биде препрека кон иднината. Негираше дека Грција побарала од Македонија да се отстранат спомениците, туку тие ќе бидат означени како европско богатство.
Раскажа и како изгледа двојазична седница на македонската Влада.
„Ставате слушалки и зборувате. Кога сака да каже поента и мисли дека подобро ќе се изрази на својот јазик, тогаш говори на албански. Тоа кажува дека не го остварувал своето право. Кога го добива правото кое му следува, тогаш ‘who cares’. Луѓето се практични“, вели Заев.
Во емисијата тој подвлече дека официјален став на Македонија е желбата за позитивнно решение помеѓу Белград и Приштина, кое нуди траен мир, развој и напредок кон ЕУ.
„Не знаеме што договараат. Поминав низ тежок процес во преговорите со Грција. Не им е лесно на претседателите, Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Ги охрабрувам да најдат решение“, рече Заев.
Додаде дека регионот треба да соработува.
„Кога одш на патување во Сараево или Белград, можеш да спиеш каде сакаш. Никој не те чепка, само братство и единство. Ние на подрачјето на поранешната Југославија сме братски народи. Јас тоа го почитувам. Ја сакав Југославија и сонувам да бидеме сите заедно. Тоа ќе бидеме во Европската Унија“, рече Заев.