Третото основно јавно обвинителство во Белград побара од судот да одреди притвор во траење до 30 дена за шест лица осомничени дека, за време на кошаркарски натпревар помеѓу „Партизан“ и „Макаби Тел Авив“, извикувале закани упатени кон новинарката Бранкица Станковиќ.
Барањето за притвор е поднесено со цел да се спречи осомничените да влијаат врз сведоците или во краток временски рок да сторат нови кривични дела, соопштија денеска од Обвинителството.
Претходно, осомничените – идентификувани како М. Л., Ј. Ј., П. П., Н. Ш., И. Ч. и Р. П. – беа сослушани под сомнение дека го сториле кривичното дело загрозување на сигурноста.
Се тврди дека осомничените учествувале во извикување закани упатени кон новинарката на 6 ноември, за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу КК „Партизан“ и КК „Макаби Тел Авив“.
