На 12 март во 10 часот во кривичниот суд во Скопје одново ќе почне судењето за предметот „Триста“ на СЈО, во кој е обвинет експомошникот-министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, за злоупотреба на службена должност за јавната набавка на 300 возила (шкоди) за потребите на МВР.
Апелациониот суд во Скопје ѝ ја укина пресудата на судијката Добрила Кацарска, која првично го осуди Поповски на казна затвор во времетраење од 9 години. По одлуката на второстепениот суд, Поповски беше префрлен од затворот „Идризово“ во истражниот затвор „Скопје“, бидејќи му беше определен притвор.
Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра. Тој изјави дека не е виновен за делото кое му става на товар. Во завршните зборови Поповски кажа и дека се соочувал со силни притисоци и закани додека траела судската постапка, но не именува од кого и дека случајот сериозно влијаел врз неговото здравје.
Поповски е правосилно осуден на 4 години и шест месеци казна затвор за набавката на мерцедесот во случајот „Тенк“ на СЈО.
Васко Маглешов