Премиерот Зоран Заев, кој учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, денеска треба да оствари средба со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, соопшти владината прес-служба.
Во делегацијата предводена од премиерот Заев се и заменик претседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Како што соопшти Владата, премиерот Заев на форумот во Давос, на кој и оваа година учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот, ќе оствари повеќе работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис лидери и соработници.
Меѓу средбите со политичките и економските лидери, во агендата на премиерот Заев се и состаноци со премиерот на Република Словенија Марјан Шарец, со министерот за здравство на Владата на Сојузна Република Германија Јенс Спан, со извршниот директор на Гогле Џигсоу, како и со други лидери и високи претставници на компании на панел дебатите и неформалните собири што ќе се одржат за време на најголемиот светски економски форум.
Шефот на македонската Влада ќе учествува на дебата „Креирање на силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан“, на форумот „Иднината на Трансатлантската алијанса“, како и на други форуми и дебати за поврзување во светот на глобалната архитектура на економиите.
Според најавата, вицепремиерот Анѓушев на маргините на Фоумот ќе има повеќе средби со претставници на бизниси и компании, а министерот за економија Бектеши, меѓудругото, ќе учествува на средбата на министрите коспонзори на Заедничката декларација за е-трговија.
Главната тема на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, кој секоја година ги собира најголемите и највлијателните светски лидери е Глобализација 4.0, во чии рамки ќе се дебатираат и иднината на економиите, ризиците на економските опоравувања, иднината на работните места, и други теми.