Супер дербито од осминафиналните натпревари од фудбалската Лига на шампиони ќе се одигра вечер во Мадрид каде што деветократниот европски првак го пречекува Манчестер Јунајтед, освојувачот на три шампионски титули на стариот континент.
Шпанските и англиските медиуми во центарот на вниманието го ставаат Кристијано Роналдо кој од 2003 до 2009 година како играч на „црвените ѓаволи“ одигра 292 натпревари, постигна 118 голови, освои три шампионски титули во Англија, Лигата на шампионите, ФА купот, светското клубско првенство и два пати Лига купот. Не помал успех Роналдо има и во Реал каде што од 2009 година досега постигнал 182 гола во 179 натпревари.
Во центарот на вниманието се и двајцата тренери Жозе Мурињо и Алекс Фергусон. Мурињо кој од 2004 до 2007 беше тренер на Челзи и освои две шампионски титули во Премиер лигата, за време на престојот во Англија честопати беше во судир со Фергусон, препукувајќи се преку медиумите, за на крај да се смират и да станат пријатели. Мурињо има и позитивен скор во дуелите со Фергусон.
– Ова е дерби во осминафиналето на Лигата на шампионите и голема прилика нашите навивачи повторно да го видат Кристијано. Убаво е што повторно ќе се видам и со Жозе, мора да набавам некое добро вино, изјави Фергусон пред вечерашниот натпревар.
Мурињо, пак, рече дека еден од двата големи клуба ќе мора да го заврши натпреварувањето во осминафиналето и оти се надева дека тоа нема да биде Реал.
Во останатите натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите вечер со почеток во 20:45 часот се игра уште еден натпревар – Борусија Дотрмунд против Шахтјор од Доњец.
Синоќа Јувентус на гости во Глазгов го победи Селтих со 3:0, а Пари Сен Жермен ја совлада Валенсија со 2:1.