Северна Кореја денеска соопшти дека ќе изврши уште нуклеарни тестирања доколку САД продолжат со својот агресивен пристап кон неа, пренесе ДПА, повикувајќи се на соопштение во севернокорејските медиуми.
Заканата беше упатена еден ден откако Пјонгјанг ја изврши својата трета нуклеарна проба, што остро беше пречекана дури и од традиционалните негови сојузници, како, на пример, Кина.
Северна Кореја вчера се закани со натамошни активности и мерки, доколку меѓународната заедница и наметне нови санкции. Земјата смета дека санкциите се прифаќаат под притисокот на САД.
Според јужнокорејските медиуми, заканите на Северна Кореја веројатно навестуваат нов ракетен тест или нуклеарна проба.
Јужнокореските медиуми ги цитираат медиумите од Северот, во кои се зборува дека новото нуклеарно оружје, што вчера беше испитано, е помало, полесно и поразлично. Последното може да значи смена на полониумот со ураниум, сметаат експертите. „Ако нешто слично навистина и се случило, за меѓународните набљудувачи ќе биде потешко да ги „засечат“ процесите на производство на нуклеарно гориво во Северна Кореја“.
Во одговорот на вчерашната нуклеарна проба Јужна Кореја соопшти дека ќе го забрза разработувањето на балистички ракети со голем дострел, што можат да ја покријат целата територија на Северна Кореја, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на јужнокорејското Министерство за одбрана.
Минатата есен Сеул склучи договор со Вашингтон за зголемување на опсегот на неговите балистички ракети, за да може подобро да се брани при евентуален напад од страна на Пјонгјанг. Според спогодбата, опсегот на ракетите ќе нарасне од досегашните 300 километри на 800 километри.
САД имаат 28.500 војници на јужнокорејска територија и на Јужна Кореја и гарантираат „нуклеарен штит“ во случај на напад. Во замена за тоа Сеул во 2001 година прифати да го ограничи досегот на своите ракети, за да ја намали напрегнатоста на полуостровот.
Кина, пак, повика на мултилатерален пристап кон Северна Кореја заради нејзината нуклеарна проба, пренесе ДПА.
Кинескиот министер за надворешни работи Јанг Џиече севернокорејското досие телефонски го разгледал со својот американски колега, државниот секретар Џон Кери, и повикал на обновување на шестстраните преговори, односно прекинување на севернокорејската нуклеарна програма.
Кинескиот шеф на дипломатијата за кризата разговарал и со својот јужнокорејски колега Ким Сонг-хуан.
Од своја страна Кери зборувал со јапонскиот министер за надворешни работи Фумио Кишида, како и со јужнокорејскиот дипломат број еден. Пред тројцата Кери ја подвлекол неопходноста од силен и брз одговор од страна на меѓународната заедница.
МИА