Зошто терористите убиваат цивили по Европа, одговорот е болно едноставен

Од:

Индекс – Загреб

Саботниот напад во Лондон е последна епизода од терористичката кампања која веќе со години ја потресува Европа. Од 24 јуни 2014 година кога припадник на Исламската држава уби четворица во Еврејскиот музеј на Белгија во Брисел, до денес, џихадистите во Европа (во која го сметаме и Истанбул и Санкт Петербург) убија дури 449 луѓе, од кои 438 цивили.

Зошто терористите ја напаѓаат Европа?

Како и до сега, прашањето кое неминовно се поставува е: зошто терористите го нападнаа Лондон и пред тоа Манчестер, Санкт Петербург, Париз, Истанбул, Стокхолм, Берлин, Ница, Брисел? Директниот одговор би бил едноставен: затоа што Исламската држава ги повикала наместо да и се придружат да вршат напади во земјите во кои живеат. Соочен со забрзано губење на териториите во Сирија и Ирак и најверојатно воен пораз, ИСИС на своите следбеници во Европа им нареди да ги нападнат „крстоносците” во текот на Рамазан. Истиот тој повик е повторен во саботата преку комуникациската мрежа Телеграм, само неколку часа пред масакрот во Лондон, со насоки нападите да се изведат токму со возила, со ножеви и огнено оружје.

Истиот метод е користен и при нападот пред британскиот парламент во палатата Вестминстер во март. ИСИС презеде одговорност за двата напади во Лондон, како и за тој од 22 јуни во Манчестер, најубиствен од сите три напади. Подготвеноста на неговите следбеници без грижа на совест да газат, колат и со бомби на појасот да разнесуваат недолжни посетители на кафулиња, ресторани или концертни сали (и девојки и деца), притоа привикувајќи го Алах, сведочи за големината на нивниот фанатизам – било претходно да се бореле за ИСИС во Сирија или се радикализирани онлајн, живеејќи во едно од најбогатите и најслободните подрачја на светот. Освен мотивите за нивниот варваризам, во деновите по нападите веќе можеме да слушнеме дека претходно биле под надзор на безбедносните служби или дека нивните соседи пријавувале под сомнеж за тероризам.

Механизмите за спречување на тероризмот во Британија и во другите европски земји очигледно мора да се коригираат. Тоа што некој од потенцијалните терористи секогаш ќе се провлече низ „безбедносната мрежа” или што бројот на жртвите во Европа е многу помал од пред 40 години, во екот на терористичките активности на Ирската републиканска армија, италијанските Црвени бригади и на други „домашни” терористи, сеедно не може да биде оправдување.

Левицата и десницата даваат половични и едноставни одговори

Како што потенцира Кели Ортон, истражувач во Хенри Џексон Сосајети, ова е веќе трета година по ред ИСИС да се обидува да го злоупотреби светиот муслимански месец Рамазан, време во кое од верниците се очекува пост, молитви и добри дела, за својата злосторничка агенда. „За ИСИС, Рамазан е посебно свет месец, а џихадот е нивен најсветол повик, така тие убивањето на неверниците во текот на овој месец го гледаат како дополнителна заслуга. Многу се жестоки во тоа”, објаснува Ортон и додава дека меѓу „припадниците и следбениците на ИСИС дошло до значително спомнување на Велика Британија како цел на терористички напади во последните недели”.

Еднакво предвидливи и еднострани се и идеолошки мотивираните објаснувања за „длабинските причини” на тероризмот. Всушност, примарната причина за повикот на ИСИС за напад на цивилни цели „крстоносците”, колку и да е апсурден и бездушен, не е никаква енигма: се работи за одмазда поради военото делување на меѓународната коалиција во Сирија и Ирак. Во таа смисла еднакво се виновни коментаторите и политичарите од левицата, како Џереми Корбин, кои го поврзуваат тероризмот во Обединетото Кралство со „војните кои британската влада ги поддржуваше и водеше во другите земји”, како и тие од десницата, како министерот за безбедност Бен Волес кои тврдат дека „тие луѓе ги мразат нашите вредности, а не нашата надворешна политика”.

Џихадистите несомнено ги мразат западните либерални вредности, но исто така ги мразат западните земји, водени од САД, поради одлучниот удар кој го зададоа на т.н. калифат. Исто се гневни и на Русија, иако нејзината воена интервенција е на страна на сирискиот претседател Башар ал Асад и пред се е насочена на антирежимските бунтовници, а дури потоа на ИСИС. Од друга страна, јасно е дека воената победа над ИСИС нема алтернатива – заканата која таа самонаречена држава ја претставува за Блискиот исток и целиот свет нема да се спречи со дипломатија, хуманитарно делување ни со симболични гестови.

Терористите нема да не остават на мир ако само се повлечеме од „нивните земји”

Со други зборови, исламистичките терористи нема да не остават на мир ако само се повлечеме од „нивните земји”. Освен што се работи за лажно решение, лажните прогресивци кои го изнесуваат овој аргумент со него оддаваат реакционерна и шовинистичка слика на светот, според која Арапите и муслиманите општо треба да се препуштат на деспотите – секако, да им се помогне во крваво задушување на секој отпор. До настанокот и ширењето на калифатот не дојде поради (слабото) вооружување на сириските бунтовници кои не се сојузници туку лути противници на ИСИС, како ни поради воените интервенции во Ирак, Афганистан или Либија. Заканувачката ИСИС во Ирак практично е уништена уште во 2007 година, со заедничката акција на американските сили и локалните сунитски борци, а препородена е дури во хаосот на војната во Сирија која режимот на Асад ја иницираше над сопствените граѓани. Одговорноста лежи на Западот уште повеќе што не ја спречи војната со интервенција и така да го исуши мочуришното тло во кое никна сунитскиот џихадизам. А тоа тло е полеано пред се со крвопролевање на режимот и неговите шовинистички сојузници водени од Иран.

Како и да било, терористите како тие од Манчестер или Лондон сосема сигурно не му замеруваат на Западот за „смената на режимот” на Асад или на Моамер Гадафи. Како што пишува Џонатан Фридланд за Гвардијан, Салман Абеди, дете на либиски исламисти од Манчестер, би бил уште по гневен на Бритатина ако дозволеше на Гадафи да го задуши бунтот во 2011 година во крв, како што исламистите во 90-тите години беа огорчени на Западот кој дозволи геноцид над босанските муслимани во Сребреница.

И мешањето и немешањето во „исламските земји” може да послужи на џихадистите како аргумент при врбување на следбениците меѓу младите, дезориентирани и деликвентни припадници на муслиманското малцинство на Запад.

ИСИС: Водиме војни против вас, бидејќи сте неверници

Сепак, индикативно е тоа што на научниот соработник на лондонскиот Кингс Колеџ, Шираз Махер, како што пишува за New Statesman, му објаснил регрут на ИСИС кој го интервјуирал: „Ние пред се водиме војни поради тоа што луѓето се неверници (куфар). Нивните дронови (насочени) против нас, се секундарна работа”. Истата порака ИСИС ја прати во колумна под името „Зошто ве мразиме и сакаме да се бориме против вас”, објавена во своето списание Дабик минатата година. Набројувајќи шест причини, авторот „злосторствата против муслиманите” и „инвазијата на муслиманските земји” ги става дури на петто и шесто место, со напомена: „Важно е да се сфати, иако некои ќе тврдат дека вашите надворешни политики е се што ја поттикнува нашата омраза, оваа партикуларна причина е секундарна, поради тоа ја апострофираме дури на крајот на листата”. Првата причина која ја наведува е: „Затоа што сте неверници”.

Говорите на државниците по овие напади колку и да звучат празно и патетично, пофално е од британската премиерка Тереза Меј што во обраќањето на јавноста во неделата, отворено ја именуваше „злобната идеологија на исламистичкиот екстремизам” како инспирација на терористите.

Против екстремизмот во сите негови форми, отворените општества мора да се борат, но нема никаква корист од премолчување на исламистичката природа на тероризмот на чиј удар Западот се наоѓа веќе со години. Политичката коректност на страна, за да се победи непријателот, прво треба да го именуваш и посрамиш, како што вели поранешниот британски активист и сегашен директор на против екстремистичкиот тинк-танк „Quilliam’, Маајид Наваз.

Тереза Меј: „Преголема толеранција кон екстремистичката идеологија во нашата земја”

Наваз во текст објавен по нападот во Манчестер истакнува дека, дури и кога терористите извршуваат напад сами, погрешно е да се опишуваат како „волци самотници”. Пропагирајќи го наративот за изолираните поединци кои се радикализираат бидејќи не можат да се вклопат во општеството, ги затвораме очите пред симпатиите кон екстремизмот кој е раширен во нивните заедници. Поради тоа Меј е во право кога вели дека „има преголема толеранција кон екстремистичката идеологија во нашата земја” и дека треба „да се скратат какви било сигурни простори на екстремизмот”, вклучувајќи ги тие на интернет, но и во претежно сегрегираните малцински заедници и да ги убедат луѓето дека „плуралистичките британски вредности се супериорни за тие кои ги нудат проповедниците на омразата”.

Застрашувачката фреквенција на џихадистичките напади во Британија потврдува дека не се работи за изолирани случаи: три во последните три месеци; 13 спречени напади во последните 4 години; 9 напади изведени во 2005 година во кои се убиени стотици луѓе. Ако нападите беа успешни бројот на жртвите ќе беше многу поголем.

Во однос на тоа, борбата против исламистичкиот екстремизам која ја инспирира мора да се води на сите фронтови, без робување на политичката коректност, но и без демонизирање на целиот регион и малцинските заедници. Дискриминацијата и принципот на колективна вина само би го олесниле делувањето на џихадистите. ИСИС-овиот калифат наскоро ќе биде воено уништен, но искоренувањето на екстремизмот кое го инспирира ќе трае долго потоа, без гаранција за успех. Муслиманите кои се глобално далеку најголеми жртви на џихадистичкиот терор, од Ирак и Сирија до Авганистан, Пакистан и Египет, се витални сојузници во таа борба.

Би можело да ве интересира

Уапсен сопственикот на Телеграм

Француски суд осуди 12-годишно момче: Виновен е бидејќи го бранел тероризмот

(ВИДЕО) Спречен е терористички акт во Австрија, уапсен млад маж од Македонија

Горан Наумовски

Седум лица се уапсени во Белгија поради планирање терористички напад

Во Париз: Автомобил усмрти едно лице, двајца се тешко повредени

Горан Наумовски

Петмина тинејџери обвинети за тероризам по нападот со нож во црквата во Сиднеј