Во моментот кога во Франција се слави Божиќ и кога училиштата и факултетите се на новогодишниот распуст, движењето на „жолтите елеци“ не запира, напротив на повеќе кружни текови и покрај намалената мобилизација, се организира импровизирани божиќни прослави.
Истовремено, станарот на Елисејската палата, Емануел Макрон, живее зад затворени врати, изложен на навреди, исвиркувања и закани. Тој повеќе не излегува на прошетка во или околу Париз. Од почетокот протестите на „жолтите елеци“, прошетките на претседателот, кои тој ги сака толку многу, станаа ретки (и дискретни). Како и посетите, пишува париски „Монд“.
Од аеродромот во Лудс, во Горна Лоара до Пуи-ан-Велеј, има 10 километри, петнаесет минути со автомобил. На 4 декември, за да стигне до префектурата изгорена три дена претходно од “жолтите елеци”, Емануел Макрон, за среќа, не мораше да мине преку кружниот тек на Лашам во општината Сен Пјер-Ејнак. Таму, демонстрантите ја поставија слика од неговата глава на кукла во природна големина и ја врзаа на скеле. На плаката под неа беше напишано: „Нашиот план е да те ставиме на гилотина“.
Претседателот на Републиката брзо стигна до префектурата. По пат, тој разговараше со демонстранти во „жолти елеци“. Нема ниту слика, нема ниту видео од оваа средба. На 3 декември, тој, исто така, престојувал во канцеларија на еден од неговите соработници, кој имал средба со еден „жолт елек” од Шалон-сур-Саун, кој до Париз дошол пеш. Овие луѓе се меѓу ретките демонстранти со кои Макрон се сретна за време протестите што почнаа на 17 ноември, за време на кои неговата способност за реформи и неговата популарност се намалија, но исто така се изгуби и дел од неговата слобода, пишува париски „Монд“.
Макрон отпатува во Пуи за да му изрази поддршка на тамошниот префект. Тој му ги покажа на претседателот изгорените шкафови, скршените прозорци, канцелариите поцрнети од саѓи. Префектот хо информира шефот на државата дека биле донесени автомобилски гумите и запалени, при „нерамноправната битка“ меѓу триесеттемина вработени од префектурата и неколку стотици демонстранти, кои беа спречени да влезат во зградата од страна на пожарникарите. Билансот на „нападот“: 38 повредени. – Тие викаа: „Сите ќе бидете испечени како пилиња!“, објасни префектот.
Веднаш штом претседателскиот авион слета во Лудес, веста за неговата посета се рашири. Порака објавена на Фејсбук разбуди некои „жолти елеци“. Дваесетина мажи и жени го чекаат шефот на државата на излезот од префектурата. „Уааааа!“, „Оставка!“, „Претседател на богатите!“, викаа тие. Но, тоа беше само почетокот. На патот кон касарната на жандармерија се менуваат нештата.
Макрон започна да минува низ градот со спуштено стаклото, за да се поздрави со минувачите. Како одговор на тоа, тој добива навреди и набрзо мора да го затвори прозорецот. И наеднаш еден човек скокнува пред претседателскиот автомобил, а пред касараната го чекаат педесетина демонстранти со извици: „Те мразиме!“.
Изјавите ветени на локалниот печат се откажани. Безбедносните служби го извлекоа претседателот од спореден излез. Остана само сликата од заминувањето на претседателскиот конвој набрзина, пропратен со извици и свиркање. Неколку дена подоцна, шефот на државата му пренел на претседателот на партијата Модем, Франсоа Бајру, дека од автомобилот слушнал една жена како му дофрлила: „Нечист, се надевам дека ќе умреш по патот!“.
Емануел Макрон, сепак, сака прошетки. Од неговото пристигнување во Министерството за економија во 2014 година, тој го прави тоа редовно. Тие беа и термометар на неговата популарност и начин да ја изгради неговата репутација. – Каде е Емануел?, го бараше неговиот претходник Франсоа Оланд на секое патување. „Емануел“ заостанувашрезад сите, правејќи селфи со граѓаните и делејќи автограми и бакнежи. Тој се хранеше со тоа. Но, бидејќи „жолтите елеци“ го следат на Фејсбук, овие прошетки сега се незамисливи. Тој патува инкогнито или без камери.
На 20 декември тој ненајавено отиде во Соасон во Ен за да посети центар за деца жртви на злоупотреба. Официјално, никој не беше исклучен од патувањето, но камерите мораше да се исклучат во случај на инцидент. Неговиот официјален фотограф, Соазиг де ла Мосониние, испраќа само неколку фотографии каде што претседателот, изгледа опуштен во средината на неговиот тим, насмеан на маса во ресторан.
Два дена пред навредите во Ле Пуи-ан-Велеј, неговата прошетка меѓу искршените излози на авенија Клебер во Париз веќе мина лошо. Тој се враќаше од Аргентина, каде што учествуваше на Самитот на Г-20. Во Буенос Аирес на телефоните на неговите соработници, тој виде слики од насилството од 1 декември и ја посети Триумфалната порта ограбена и опустошена пред да ги посети трговците. Но, пристигнаа и „жолтите елеци“. Почнаа силни свирежи и тој мораше да замине под заштита на полицијата.
– Пред 11 ноември, по враќањето од неговата посета на источниот дел на Франција, тој беше многу свесен дека незадоволството расте, вели Филип Гранжон, еден од советниците на Макрон.
Но, тоа беше во времето кога Елисејската палата сѐ уште можеше да ги обвинува медиумите дека претеруваат.
– Јас зборувам со луѓето, се поминува добро, но новинарите пишуваат сценарио, каде што постојано сум напаѓан, како лик во реално шоу, се пожали Емануел Macron пред министрите Бруно Ле Мер, Жерар Дарманиан, Жан-Мишел Бламке и Франсоа де Руги, кои ги прими во Елисејската палата. Но, на втората сабота од протестите на „жолтите елеци“, на 24 ноември, тој е сведок на „сцени на војна“. Една недела подоцна, беше нападната Триумфалната порта.
Демонстрантите плукаа по прозорците и ги навредуваа вработените во семејната фабриката за чоколадо во Амиенс, сопственост на далечен роднина на претседателот. – Се чувствувам како жртвено јагне, место за излив на гневот, изјави сопственикот на фабриката, Жан-Aлександр Троњо.
На протестите фоѕографии на претседателот се прободени со ножеви, врзани со синџири и крвава. Демонстрантите велат дека ќе го „маваат со камења“, па дури и дека „ќе го обесат”. Двајца од иницијаторите на движењето на „жолите елеци“, Ерик Друт и Присцилиа Лудоски на своите профили на Фејсбук објавија лажниот налог за апсење на Макрон, под обвинение за „предавство“.
Група мажи и жени, во голема мера алкохолизирани, ноќта меѓу 14 и 15 декември се собраа пред домор на пратеникот на патијата на Макрон, Републиката во движење (РЕМ), Бруно Кестал. Тој изјави дека дел од тие лица му се познати – ги сретнал повеќе пати во изборнате единица, каде беше избран за градоначалник во 2002 година, за член на регионалниот Совет и, конечно, за пратеник.
– Тие сакаа да влезат кај мене, им раскажал Кестал во телефонски разговор на Емануел Macron и премиерот Едуард Филип, откако полицијата пронајде шест чаури на испукани куршуми пред неговата куќа. Закани беа упатени дури и до децата на генералниот секретар на Елисејската палата, Алексис Келер, кој е речиси непознат за пошироката јавност.
Двојката Макрон редовно одеше на импровизирани вечери во пивницата Ла Ротонд во Париз, каде што газдите секогаш чуваа маса во задниот дел на ресторанот. Тие дури и отидоа и на кино да го гледаат филмот „Големата бања“ на Жил Лелуш. Тоа денес е премногу опасно. Од 1 декември, Брижит Maкрон не отишла подалеку од кружниот автопат околу Париз. Таа се задоволи со посета само на неколку институции.
Тие се збогуваа и со долгите викенди во Лантерн, во близината на замокот Версај, каде Брижит Макрон купуваше леб во соседните пекари. Од средината на ноември, престоите се кратки и ретки. Освен неговата изненадувачка посета на Соасон, самиот претседател малку излегува од Елисејската палата.
Министерството за внатрешни работи се плаши од гужви, агресија или полошо. Неговата агенда е празна, откажани службени патувања, како посетата на Србија на 5 и 6 декември или во Бијариц на 18 декември за подготовката на Г-7 во 2019 година. Официјалната агенда е далеку од целосна.
Никој од опкружувањето на Макрон не се сеќава на нешто вакво. Само Бруно Ле Мер, кога беше министер за земјоделство во Владата на Никола Саркози, беше сведок на куповите со измет кои беа истурани на патот по кој се движеше.
За младите советници на Eлисејската палата, искуството е ново.
– Ние нема да го завршиме петгодишниот период во атомско засолниште, објаснува за „Ле Монд“ задолжениот за комуникации на Елисејската палата, Силван Форт.
Но, пред пратениците на РЕМ или во Советот на министри, Макрон не покажа никакви знаци на слабост. За да не ја покаже својата не сигурност, тој им дозволува на другите да зборуваат. Но, оние кои го сретнале го забележуваат неговиот замор. За време на неговиот говор снимен во Елисејската палата на 10 декември, повеќе од 23 милиони гледачи го видоа претседателот небричен и ослабен.
Елисејската палата живее како во затвор, во неа посетите се ретки. Претседателот на Сенатот, Жерар Ларше и поранешниот претседател Никола Саркози беа примени на 4 и 7 декември. Шефот на државата главно се среќава со својот прв круг на блиски.
Откако претседателите комуницираат преку приватните пораки, „вечерни посетители“ се ретки или поточно нивните посети сега се виртуелни. Макрон поседува два телефона и се служи постојано со двата. Во старите добри времиња, советниците или чуварите го следеа часот кога ја напушташе канцеларијата и ги исклучуваше светлата. Денес, оние кои комуницираат со него преку „Телеграм“, го забележуваат времето кога ги прекинува консултациите: 2 или т часот по полноќ. Тој разговара начјчесто со својот генерален секретар и премиерот, кој долго време тврдеше дека отстапките за „жолтите елеци“ ќе ја поткопаат владината способност за реформи.
Кога дел од екстремната левица почна со најавите дека полицијата ќе се приклучи на протестното движење, од министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, беше побарано да го прекине штрајкот на полициските сили. Прво беше предложен бонус од 300 евра за полицајците, за потоа Владата конечно да се согласи со синдикатите за зголемување на платите што може да достигне и месечно зголемување од 150 евра.
Па, дури и во војска, Макрон мораше да им се закани со санкции на десет генерали, адмирал и полковник, сите во пензија, откако тие потпишаа отворено писмо објавено на вебсајт на екстремната десница.
– Вие не може да одлучите сами за бришење на нашите цивилизациски продобовки и да ни ја одземете нашата татковина, се велише во текстот на петицијата против потпишувањето од страна на Франција на Договорот на ОН за миграција. – Вие сте одговорни пред Французите за вашите постапки. Вашиот избор не Ви даде одврзани раце, стои во писмото.
Во петокот на 21 декември, беше роденденот на Макрон, кој наполни 41 година. На Фејсбук се појавија повици да му „се загорчи прославата“. „Нема примирје, напротив“, “Долу со неговото величество Макрон!“, „Макрон Првви вегај од тука!“, извикуваат „жолтите елеци“ на кружните текови, каде се поставени и гилотини. – Ние само сакаме да сфати дека мора да си оди, изјави еден демонстрант.
– Еве еден млад претседател фатени со познатиот „дегажизам“, кој му помогна да се качи на врвот на власта, но, исто така, на неговата историска анализа и критика на прогресивната „нормализација“ на претседателите на Петтата република. Во јули 2015 година, во неделникот Ле 1, тој уверуваше дека голем „недостиг“ на француската политика е „фигурата на кралот“. Во тоа време тој сè уште мислеше дека на Франција и недостига крал, оценува „Монд“.
По божиќните празници, француските медиуми откриваат дека агендата на претседателот е празна, во очекување на претстојната сабота кога се можни нови протести на „жолтите елеци“. Според повеќе експерти, протестите на „жолтите елеци“ означија крај на првиот дел од владеењето на Макрон, остатокот од неговиот мандат ќе биде тежок, посебно во реформите и во спроведувањето на неговата идеја за реформа на Европа.