Претседателот на Индонезија Јоко Видодо, кој од сношти во градот Медан на островот Суматра лично ги координира активностите за санирање на последиците од силниот земјотрес од пред два дена, препорача жителите од погодените подрачја да не се враќаат во домовите и да останат на повисоките места. Националната агенција за спречување на несреќи ја повлече најавата за опасност од Цунами, но поучени од искуствата од „афтершоковите“ и повторувањето на поинтензивни земјотреси во ова трусно подрачје, експертите препорачаа предострожност.
Земјотресот со интензитет ид 7,8 степени по Рихтер ја погоди западна Суматра во средата навечер. Оваа област беше погодена со катастрофално цунами пред 10 години и имаше човечки жртви и материјална штета проценета на над 10 милијарди долари.
По земјотресот, бранови со висина до 10 метри се појавиле на неколку места во провинцијата Ачех. Нема податоци за тоа дали има настрадани лица, а материјалните штети допрва ќе се утврдуваат.