Си-Ен-Ен
Случаите на две девојки, затворенички на ИСИС, Шамима Бегум и Хода Мутана, на кои им е забрането од последното упориште на Исламска држава (ИС) да се вратат на Запад, каде се родени, покренаа дебата за улогата на жените во тој самонаречен „калифат“.
Во американските медиуми се повеќе се поставува прашањето дали тие се жртви или учеснички во изградбата на таа таканаречена држава, која се заснова на злосторства.
Во исто време се преиспитува досегашниот став за таквите жени како покорни и пасивни сопруги на верски фанатици, а некои, дури, сметаат дека од нив ќе зависи иднината на ИС.
Иако на Западот се уште е присутен стереотип за жените во Исламот, за нив, меѓутоа, оние кои отишле во „џихад“ тоа не го направиле под принуда, туку во тоа виделе прилика да станат дел од нешто значајно, оценува за Си-Ен-Ен Мубараз Ахмед, аналитичар од Институтот за глобална промена.
ИС, во пропаганда со која привлекувала странци, укажувала дека жените можат да имаат улога во нивниот проект за изградба на „држава“, и тоа не само како домаќинки и мајки, туку и како борци и активисти.
Тоа стана уште поупадливо откако ИС се повеќе ја губеше моќта и териториите, па од инсистирање на крута хиерархија меѓу половите се пренасочи кон одобрување, дури и поттикнување на жените да преземат борбени улоги, пишува за „Њујорк тајмс“ Вера Миронова од Универзитетот Харвард.
ИС во изминатите години подготвуваше терен за тоа. Кон крајот на 2017 ги повикуваа жените да се подготват за битки, а минатата година во пропагандна снимка девојките со „калашникови“ се фалени како „чесни жени-борци, на пат кон Господ, во облека на чистота и вера“, кои бараат „одмазда за својата вера и за честа на своите сестри“.
Порастот на бројот на жени во борбените редови на ИС можеби и не е толку голем пресврт како што изгледа, наведува Миронова.
Иако оние кои биле омажени за припадници на ИС, а сега сакаат да се вратат на Запад, велат дека во „калифатот“ биле само домаќинки, познато е дека од самите почетоци на ова исламистичко движење многу жени биле порадикални од своите мажи.
Миронова наведува дека во некои случаи жените биле тие кои инсистирале мажите и синовите да се приклучат во ИС, додека некои барале да ги омажат само за борци од првата линија на фронтот, за да бидат дел од „вистинско муџахединско семејство“.
Иако пропагандата на ИС го објаснува вклучувањето на жените во борбата како „кампања со која почнува нова ера на победи“, факт е дека тоа е направено од очај – ја загубија речиси целата територија, а повеќето борци – мажи се убиени, ранети или заробени.
Меѓутоа, има се повеќе гласови кои предупредуваат дека ИС би можела да биде уште поопасна со неизбежното преоѓање во илегала, а во тој вид борба жените можат да им донесат предност.
Миронова пишува дека во Ирак се свесни за тоа. Во анкета во декември, повеќе од 80 отсто од луѓето рекле дека жените во редовите на исламистите биле исто радикални како мажите, дека имаат значајна улога во ИС, како и дека очекуваат дека токму тие во иднина ќе претставуваат опасност.
Девојките како Шамима и Хода се спакувале и отпатувале на друг крај од светот не затоа што слепо верувале во проектот ИС, туку затоа што сметале дека тој им дава повеќе од нивниот живот на Запад.
Спречувањето нова генерација девојки да го направат истото, исто така бара сериозно размислување, а одговорот може да биде само давање поголеми можности и зацврстување на жената како поединец, вели Ахмед.