Жалба на Ерменија пред Европскиот суд во Стразбур за отоманскиот геноцид од 1915 година

Од:

Ерменија поднесе жалба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, незадоволна од одлуката да се поништи казната на еден турски политичар, кој во Швајцарија беше осуден затоа што го негираше геноцидот врз Ерменците, што го извршиле Отоманските власти во 1915 година.

Застапник на Владата во Ереван пред судот е една лондонска правна фирма, со која раководи угледниот британски адвокат и експерт за човекови права Џефри Робертсон, а тимот од правни експерти во Стразбур, го предводи адвокатот во фирмата Амал Клуни, сопруга на холивудската ѕвезда Џорџ Клуни.

Првото сослушување е закажано за 28 јануари и на него правниот тим на ерменската влада ќе побара Судот во Стразбур да ја повлече својата пресуда, со која турскиот политичар беше помилуван и да ја потврди пресудата на швајцарскиот суд.

Во 2008 година еден швајцарски суд го осуди турскиот политичар Догу Перинчек, од левичарската турска Работничка партија, затоа што го негираше постоењето на геноцидот.

– Станува збор за меѓународна лага, рекол Перинчек, за што бил и осуден. Тој меѓутоа, се жалел пред Европскиот суд кој во декември 2013 година ја прифатил неговата жалба, со образложение дека швајцарскиот суд го „повредил неговото право за слобода на изразувањето“.

Ерменската влада, незадоволна од таквото решение, во својата жалба инсистира дека „негирањето на геноцидот е кривично дело“ и го споредува со негирањето на Холокаустот врз Евреите, во Втората светска војна, што е кривично дело во многу земји во светот.

Ерменците ширум светот на 24 април годинава ќе ја одбележат стогодишнината од геноцидот, во кој се убиени или починале 1,5 милион луѓе.

Во Ерменија се тврди дека тогашните отомански власти извршиле ликвидација на десетици илјади Ерменци, а потоа, протерале стотици илјади жени, деца и стари луѓе на долг, смртоносен марш низ сириската пустина, во кој малкумина успеале да преживеат.

Турција категорично ги отфрла ваквите обвинувања, тврдејќи дека немало геноцид. Спорот околу тоа трае сто години и е причина за затегнатите односи меѓу двете соседни земји и за нетрпеливоста меѓу Ерменците и Турците.

Властите во Анкара во текот на расправата околу жалбата на Перинчек има доставено низа историски документи кои треба да ја потврдат турската верзија дека немало злосторство врз Ерменците кои тогаш живееле во Отоманската империја, па се верува дека тоа ќе го направат и сега, по контра-жалбата на ерменската влада.

Британскиот адвокат Робертсон во октомври минатата година издаде книга за овој настан од 1915 година, под наслов „Незгодниот геноцид“. Тој не само што верува дека тоа се случило, туку и приговара на меѓунардната јавност, обвинувајќи ја дека веќе „никој не се сеќава на Еременците“.

„Њујорк тајмс“ неодамна се осврна на геноцидот од пред еден век, тврдејќи дека тоа бил план за истребување на сите Ерменци.

Би можело да ве интересира

Ерменија бара повлекување на руската војска од аеродромот во Ереван

Ерменија: Не сакаме во НАТО

Америка предупредува на нова војна на Кавказ: „Ќе нападнат“

Започна нова војна меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах

(ВИДЕО) Тепачка во ерменското Собрание: Народните избраници во жесток клинч, обезбедувањето ги разделуваше нервозните пратеници

Горан Наумовски

Конфликтот во Нагорно Карабах продолжи, има загинати, се користат минофрлачи и дронови

Ана Ололовска