Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо денеска во рамки на посетата на Прага, заедно со чешкиот претседател Милош Земан, го подигнаа знамето на Европската унија, кое се вее на јарбол над Прашкиот замок каде што се наоѓа Претседателската резиденција.
Со овој чин, неодамна избраниот претседател Земан го исполни ветувањето кое го даде веднаш по победата на првите непосредни претседателски избори во Чешка, јави дописникот на МИА од чешката метропола. Земан на тој начин даде до знаење дека е поголем приврзаник на европската интеграција од неговиот претходник.
Неговиот претходник, евроскептикот и постојан критичар на ЕУ Вацлав Клаус кој претседателската функција ја извршуваше два мандати, уште за време на чешкото Претседателствување со ЕУ од јануари до јуни 2009 година одби да биде поставено знамето на ЕУ над седиштето на поранешните чешки кралеви и претседатели.
– Во Европа тоа е нормална, честа појава. Еврознамето не се вее над Бакингамската палата, но јас не сум британската кралица, коментираше Земан по подигнувањето на знамето на ЕУ.
Милош Земан го искористи поводот и го потпише додатокот на Лисабонскиот договор за формирање на Фондот на еврозоната, кој претходно Клаус го одби и го нарече „монструозен и апсурден акт”.
Иако двата чина имаат симболично значење, со оглед на тоа што ЕУ Фондот започна со функцијата, со нив може да се влијае на начинот на кој ќе се гледа на Чешката Република во рамки на Унијата.
– Европа сега минува низ сложен период и потребна е соработка и солидарност. Механизмот за стабилност е потребен за да стекнеме доверба во нашето функционирање. Довербата е важна и за инвестициите, без кои нема работа, трговска соработка и просперитет, рече Баросо.
Земан оцени дека со европскиот претставник разговарал за економските прашања и искритикувал некои бирократски решенија како што е „штедливата“ сијалица.
– Една имам во викендицата и од тогаш таму се гледа како во мртовечница, на шега искоментира Земан додавајќи дека ќе му предложи на Баросо седиштето на ЕУ да се пресели во Прага.
Свечената церемонија на подигнување на еврознамето беше проследена со протести на неколку десетици приврзаници на Партијата на слободни граѓани и акцијата „Доста е” кои химната на ЕУ ја исвиркаа и извикуваа „Срамота”. Шефот на Партијата на слободните граѓани, Петр Мах изјави дека им пречи истакнувањето на европското знаме наместо чешкото, иако на левата страна се вееше и националното знаме на Чешка.