Чешкиот претседател Милош Земан смета дека главниот фактор за Брегзит се случи заради стравувањата на британските граѓани од „целосно неспособното” актуелно раководство на Европската унија, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Земан, со заминувањето на Британија од ЕУ губат и двете страни.
Земан очекува во рок од пет години од Велика Британија да се оддели Шкотска и да се приклучи кон земјите на Унијата.
Тој оцени дека ЕУ автоматски ќе стане послаба по напуштањето на земјата со трета најјака економија.
– Моето мислење како еврофедералист е дека ЕУ е извонреден проект со многу лошо раководство, рече Земан, потсетувајќи на некои поранешни претставници со големо влијание врз формата на европската интеграција, како на пример, поранешниот претседател на Европската комисија (ЕК) Жак Делор како и на еден од основачите на европската интеграција Жан Моне.
– Со сета почит, кога ги гледам некои од неименуваните лидери на ЕУ и ако ги споредам со оние великаните, тоа е приближно иста како разликата меѓу првата и втората лига, подвлече Земан.
Тој спомена дека Британците се обесхррабрија главно од политичарите на ЕУ кои „ги трупаат земјите- членки со целосно апсурдно прописи”.