Володимир Зеленски ја искористи својата прва средба со Доналд Трамп по изборите во САД за да ја објасни потребата на Украина од безбедносни гаранции во секој договорен крај на војната со Русија, изјавија два извори запознаени со дискусиите на 7 декември.
Францускиот претседател Емануел Макрон беше домаќин на состанокот во Париз, за време на кој украинскиот лидер се обиде да изгради односи со Трамп, чии ветувања за брзо завршување на конфликтот ја зголемија загриженоста во Киев дека тоа може да значи отстапки во корист на Москва.
Ројтерс разговарал со вкупно пет лица кои биле запознаени со деталите од средбата.
Тројцата лидери зборуваа 35 минути без советници, но не навлегоа во конкретни детали за каква било визија за мир. Трамп ја повтори желбата за итен прекин на огнот и преговори за брзо завршување на војната, потврдија четири извори.
Состанокот даде некои рани индикации за тоа како би можеле да изгледаат преговорите за ставање крај на конфликтот, иако процесот, во кој би бил вклучен рускиот претседател Владимир Путин, е исклучително сложен, а улогата на Соединетите Држави сè уште е нејасна.
Трамп, според Ројтерс, се однесувал пријателски, со почиту и отворен и изгледал како да слуша, рече еден од изворите. Тимот на Трамп не одговори веднаш на барањето за коментар за овој напис.
Ниту Трамп, ниту официјални лица блиски до него, кои се занимаваат со прашањето за Украина, јасно објаснија како точно замислуваат решение за војната или како Украина ќе добие безбедносни гаранции како дел од каков било договор.
Ова предизвикува растечка несигурност во Киев, дополнително поттикната од неколкумесечните континуирани руски територијални напредувања во источниот украински регион Донбас и ноќните напади со беспилотни летала врз градовите далеку зад линијата на фронтот.
„На состанокот беа споменати некои клучни точки – на пример, беше речено дека мирот бара гаранции бидејќи само прекин на огнот не е доволен; Путин може повторно да го прекрши, како што веќе направи, без соодветни гаранции“, изјави извор од Кабинетот на украинскиот претседател.
На прашањето како Трамп го сфатил тоа, изворот рекол: „Размислува за сите детали“.
Киев долго време се залагаше за приклучување кон воената алијанса на НАТО, нагласувајќи дека ќе му бидат потребни безбедносни гаранции за да спречи нова руска инвазија во иднина. Таа порака е конзистентна иако Зеленски неодамна призна дека дипломатскиот крај на војната би спасил животи, омекнувајќи го неговиот претходен став дека мир може да се постигне само ако сите сили на Москва се повлечат од Украина.
Неколку функционери блиски до Трамп изјавија дека тој ги фокусирал состаноците на градење на лични односи, што е клучно за начинот на кој тој ја води дипломатијата, и дека тој ќе ја донесе конечната одлука за тоа како понатаму.
Генерално срдечниот карактер на директните разговори на Трамп со Зеленски се разликува од некои од неговите јавни изјави за украинскиот лидер за време на кампањата, вклучително и опишувањето на Зеленски како „најголемиот дилер во светот“ за барање и примање милијарди долари воена помош од САД.
Макрон и Зеленски беа на иста страна за време на состанокот во Париз, но се обидоа да не остават впечаток дека вршат притисок врз Трамп, рече еден функционер.
Францускиот лидер, кој со текот на годините разви вештина за користење на личните односи за промовирање на дипломатските напори, и Зеленски работеа во синергија за да го претстават своето гледиште за ситуацијата, нагласувајќи дека без поддршката од САД, Киев би имал многу тешко време.
Зеленски верува дека Путин се плаши само од Трамп, а можеби и од Кина на меѓународната сцена и дека за секој траен мир би бил потребен навистина силен Вашингтон, рече украинскиот претставник.
За време на средбата, Макрон нагласи дека Европејците веќе направиле многу за да ја поддржат Украина и дека се подготвени подеднакво да го делат безбедносниот товар со САД, рекоа два извори.
Друг функционер рече дека Макрон и Зеленски му објасниле на Трамп дека Путин во 2024 година не е ист како во 2017 година, кога новоизбраниот американски претседател претходно работеше со лидерот на Кремљ додека беше во Белата куќа.
Истиот функционер додаде дека брзиот пад на сирискиот претседател Башар ал-Асад и ударот што тој го нанесе на неговиот близок сојузник Русија, исто така се користени како аргумент за поцврст став кон Москва во идните мировни напори.
„Се работеше за објаснување без притисок врз Трамп“, рече тој.