Меѓу 1 јули и 30 септември во светот се поднесени 31 жалби за сексуални напади извршени од вработени во Обединетите нации, соопшти портпаролот на Светската организација Стефан Џужарик.
Не се потврдени сите факти од овие жалби и некои од нив се уште се во фаза на прелиминарна истрага.
Од вкупно 31 претставка, 12 се против припадници на мировните сили на ОН, а 19 против вработените во агенциите или организацијата. Десет од нив се поврзани со сексуални напади, 19 со сексуална експлоатација, а две не се категоризирани поради непозната возраст на обвинителите.
Петнаесет од жалбите се кон вработените на Високиот комесаријат за бегалци, четири кон мировната мисија во Демократска Република Конго, три против вработени на Меѓународната организација за миграција, три против мировниците во Либерија, две против оние во Централноафриканската република и една е против вработен на УНИЦЕФ.
Во текот на овој квартал беа иницирани 14 истраги, а еден случај е докажан. Дванаесет од жалбите се однесуваат на настани во 2017 година, две за 2016 година и шест се случиле во 2015 година или порано. Датумот на 11 дела е непознат.