САД, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати вчера и денеска извршија шест напади против џихадистите на групата Исламска држава (ИД) во Сирија, соопшти Командниот центар на американската армија, одговорен за Блискиот исток и Централна Азија.
Во еден од нападите бил уништен гарнизон на сунитските исламисти во јужниот дел на провинцијата Хасака. Во друг напад биле погодени два тенка на џихадистите во градот Деир ал Зур.
При два напада северно од градот Рака, во северниот дел на Сирија, биле уништени две рафинерии кои се под контрола на екстремистите, како и камп за обука.
Во напад североисточно од Алепо била разурната зграда во која живееле џихадисти, а нападната била и артилериска единица на исламистите западно од Рака, но целта не била погодена.
Американската војска во последниве два дена извршила три напади во Ирак. При напад северно од градот Синџар биле уништени две возила на џихадистите, додека во два напада североисточно од Фалуџа загинале припадници на ИД.