Лондонскиот музеј „Мадам Тисо“ објави дека ги отстранил восочните фигури на принцот Хари и Меган Меркл од делот каде што стојат фигурите на членовите на кралското семејство.
Оваа одлука следува по објавата што во вторникот ја шокираше јавноста, дека Меган и Хари преземаат нов чекор како високи членови на кралското семејство и бараат финансиска независност.
„Исто како и остатокот од светот, и ние реагираме на изненадувачката вест дека војводата и војвотката ќе се повлечат“, се вели во соопштението на Стив Дејвис, генерален директор на „Мадам Тисо“ во Лондон.
Во музејот се изложени повеќе од 250 восочни фигури на познати личности од светот, а управата соопшти дека Хари и Меган ќе бидат сместени во посебен дел и нема да бидат заедно со кралицата Елизабета, принцевите Филип и Чарлс и наследникот на тронот Вилијам и неговата сопруга Кејт, јави Ројтерс.