Хина – Загреб
Светот во 2014 година сведочеше на нова студена војна меѓу Исток и Запад, јакнење на бруталната Исламска држава и обновеното насилство на Блискиот исток, до сега невидена епидемија на ебола, мистериозни авионски несреќи, референдуми за независност, а на самиот крај изненадија Барак Обама и Раул Кастро најавувајќи обнова на дипломатските односи на САД и Куба, по 50 години непријателство.
Движењето на Исламската држава чии гнасни методи се претешки дури и за Ал Каеда, јакнеше во делови на Ирак и Сирија до таа мера што се охрабри да прогласи и калифат, а воените успеси на милитантите ги натераа Соединетите Држави на воени удари и собирање на широка меѓународна коалиција за борба против исламистите.
Нова епидемија се ширеше во светот, илјадници мртви во Африка беа повод за СЗО да прогласи најтешка смртоносна епидемија од кога знае за тој вирус, а жртви имаше и на Западот.
Во Шкотска, Каталонија, Крим, во Луханск и Донец, како и виртуелно и во Венеција, граѓаните се изјаснуваа за независност.
Малезија Ерлајнс долго нема да се зајакне од 2014 година. Прво во март таинствено исчезна авион од таа компанија, на летот од Куала Лумпур во Пекинг. Се претпоставува дека со 239 луѓе паднал во Индискиот океан. Иако беше превртен секој камен, потрагата по рушениот авион до денес е неуспешна.
Во јули втор авион на тој авионски превозник беше срушен над Украина и загинаа сите 283 патници и 17 членови на екипажот. Западот верува дека авионот го урнаа проруските украински сепаратисти со московска помош, па на Русија воведоа стопански санкции. Поради состојбата во Украина односите на Русија и Западот се најлоши од Студената војна.
Србија и Босна и Херцеговина во јули претрпеа најтешки поплави во сто години. По незапамтените дождови водата однесе најмалку 44 животи, илјадници луѓе беа евакуирани, а во Србија беше прогласена вонредна состојба.
Во 2014 година папата Франциско во април своите претходници ги прогласи за светци, Јован Павле II и Јован XXIII, двајца папи кои ја модернизираа Црквата, абдицираше долговечниот шпански крал Хуан Карлос, монарх кој ја демократизираше Шпанија, се обеси комичарот Робин Вилијамс, човекот кој знаеше да ги насмее сите, освен себе, а за убиство од небрежност беше осуден јужноафриканскиот параолимпиец Оскар Писториус, кој го воодушеви светот со начинот на кој го преброди својот хендикеп, а потоа го згрози со убиството на својата вереница.
Кон крајот на годината шокираа пакистанските исламисти, убивајќи во едно државно воено училиште над 100 деца. Најмалку 141 лице, повеќето ученици, убиени се кога талибанците влегле во училиштето во Пешавар и земале за заложници стотина ученици. Одговорноста за нападот ја презема движењето на талибанците во Пакистан, а локалната болница соопшти дека мртвите и ранетите се на возраст од 10 до 20 години.
По повеќе од 50 години Америка и Куба ќе ги нормализираат односите. Кон средина на декември американскиот претседател Барак Обама најави дека дојде време да се раскинат прангите од минатото и објави размена на затвореници. Тоа е резултат од тајните преговори со посредување на Канада и посебно на папата Франц, бидејќи американскиот претседател сметаше дека ако постои барем еден аспект на американската надворешна политика на кој рокот на траење му истекол, тогаш тоа е политиката кон Куба, која од 1962 година е под строго американско ембарго.
Ширум светот беснеат војни, болести и сиромаштија, но човекот кон крајот на годината за прв пат спушти сонда на комета и експериментално лансираше прототип на летало за Марс.
Мајданската револуција
Кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година демонстрантите на киевскиот плоштад Мајдан демонстрираа против одлуката на претседателот Виктор Јанукович да се откаже од приближувањето на Европската унија и да се сврти кон потесни врски со Русија. По крвавите пресметки на Мајдан, во кои загинаа над 100 цивили, демонстрациите доведоа до пад на Јанукович и негово бегање во Русија, а Украина по неколку месеци избра нов претседател, тајкун и крал на чоколадото Петар Порошенко. Тој е прозападно ориентиран, а само западниот дел на земјата го бираше, бидејќи источната проруска и русофилска Украина се побуни против свртувањето грб на Русија. По референдумот и прогласувањето на независност од Украина новата кримска власт побара припојување кон Русија која во март спротивставувајќи се на меѓународната заедница го анектираше тој полуостров со базите на руската Црноморска флота.
Индустриските региони Луганск и Доњецк на референдум се изјаснија против останувањето во Украина и основаа свои републики. Во судирите на украинската војска и бунтовниците од истокот, на кои им помагаат и руски сили, загинаа најмалку 4700 луѓе, а борбите не престануваат наспроти договорот за прекин на огнот склучен во белоруската престолнина Минск.
Нова студена војна
САД и ЕУ кон средината на годината наметнаа санкции на Русија поради нејзиниот удел во украинската криза. Санкциите прво опфатија поединци и компании директно поврзани со дестабилизацијата на Украина, а потоа и многу руски банки како и воени и енергетски компании.
Воведено е ембарго на продажба на оружјето за Русија, ограничена е продажбата на некои технологии и опрема на нафтената индустрија, а Европјаните и европските компании не смеат да работат со руските банки. Компаниите и неколку лица блиски на рускиот претседател Владимир Путин исто така се на удар на санкциите, најжестоки мерки на ЕУ против Русија, откако заврши Студената војна. Санкциите имаат ефект па рубљата оваа година изгуби третина од својата вредност, а Русија својата економска стабилност. Путин за тоа ги обвинува старите непријатели на Западот и Русите ги предупредува дека пред нив се тешки времиња и дека мора да се потпрат сами на себе.
Москва на европските санкции одговори со контрамерки и забрани увоз на земјоделски и прехранбени производи од ЕУ, што погоди и некои хрватски производители. Поради европската блокада, Москва во декември објави дека се откажува од проектот за гасоводот Јужен тек со кој требаше да се праќа гас кон Европа заобиколувајќи ја Украина и ја прогласи Турција за посакуван партнер. Јужен тек требаше да испорачува 63 милијарди кубни метри гас во една година, што е нешто повеќе од 10 отсто од европската побарувачка, со што би се зацврстила руската позиција на главен европски снабдувач. Но кризата во Украина го поттикна Брисел да го замрзне процесот на неговото одобрение, а проблеми се појавија и поради слабата европска побарувачка за гас и ниските цени на енергијата, што ја доведе во прашање исплатливоста на проектот тежок 40 милијарди долари.
Израелско-палестинската војна во Газа
Во јуни е создадена палестинска влада на национално единство во која е вклучено и движењето Хамас со што е завршен период на одвоена власт во Појасот Газа и на Западниот брег. Израел и САД Хамас ја сметаат за терористичка организација и владата на национално единство ја сметаат за пречка во постигнување на мировен договор меѓу Палестинците и Израел, па еден ден по прогласувањето на палестинската влада Израел ги прекина мировните преговори.
Летото го одбележа војна која почна со убиство на изралески тинејџери и млад Палестинец, а имаше и крвопролевање во кое Израел уби повеќе илјади Палестинци, главно цивили, а животот го загубија и 70 Израелци, повеќето војници.
Тензијата порасна по погребот на тројца Израелци тинејџери киднапирани и убиени во јуни на Западниот брег. Еден ден по погребот пронајдено е тело на исчезнат Палестинец. Израелските власти го осудија тоа убиство кое веројатно беше одмазда за смртта на младите Евреи, а министерката за правда Ципи Ливни рече дека, ако се работи за одмазда, тоа е терористички чин. Иако Израел ги уби уапси осомничените, во јули од Газа на израелска територија паднаа стотици ракети, а израелскиот ракетен штит Железната купола пресретна една ракета над Тел Авив, а втората во предградието на Ерусалим. Потоа почна израелска офанзива на таа енклава. Прво воздушна па копнена, која во 50 дена однесе повеќе илјади животи.
Судирот кој траеше седум недели заврши кон крајот на август со прекин на огнот, а победа прогласија и израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху и исламистичкото движење Хамас.
Европските земји почнаа да ја признаваат Палестина: Шведска на 30 октомври формално ја призна палестинската држава. Владата во Стокхолм објави дека смета дека се исполнети меѓународните правни критериуми за признавање на Палестина, како и дека се надева дека со таа одлука ќе придонесе за постигнување на мировен договор, бидејќи страните ќе бидат помалку нерамноправни.
По договорот на политичките групации во Европскиот парламент, тоа тело кон средината на декември усвои резолуција со која начелно ја поддржува палестинската држава и решение за двете држави, што треба да се постигне со мировни преговори кои треба да се забрзаат. Истиот ден и луксембуршкиот парламент усвои две одлуки со кои ја повикува владата да ја признае палестинската државност. Со тоа се приклучи на парламентите во Британија, Шпанија, Франција, Ирска и Португалија кои претходно симболично ја поддржуваа палестинската држава.
Исламската држава и убиството на новинар
Америка летото почна со ограничени воздушни удари на позициите на Исламската држава ИС, која освои третина од Сирија и Ирак и се закани дека во ирачкиот пристанишен град Мосул ќе ги убие сите христијани ако не преминат на ислам. Од градот побегнаа речиси сите 60.000 христијани. ИС ја зазема мосулската брана, најголема во Ирак, а потоа и градот Мосул. Илјадници језиди, припадници на етнорелигиска група во Ирак, избегнаа насилство од ИС бегајќи во планината Синџара. Припадниците на радикалното сунитско движење кои освоија делови од Ирак и Сирија, ги прогонуваат језидите на верска основа сметајќи ги за почитувачи на ѓаволот, кои мора да преминат на ислам.
Претседателот на Америка Барак Обама во август објави дека одобрил ограничување на воените удари на ИС и фрлање на хуманитарна помош. Иако не одобри ангажман на копнените сили, американската војска за прв пат по 2011 година се враќа во Ирак.
ИС која кон крајот на јуни прогласи калифат во големи делови на Ирак и Сирија, во знак на одмазда почна да убива западни новинари и хуманитарци и да објавува снимки на сечење на глави. Прва жртва беше американскиот новинар Џејмс Фолеј, а по еден месец на ист начин го убиваат и шкотскиот хуманитарец Дејвид Хаинс, кој имал сопруга и ќерка во Карловац.
Кон крајот на септември Обама призна дека САД го потцениле фактот дека хаосот во Сирија може да изроди опасни џихадистички групи како ИС, како и дека Вашингтон ја преценил способноста и волјата на ирачката војска да се бори против џихадистите. За борба против Исламската држава Америка собра коалиција од 30 држави меѓу кои е и Хрватска.
Во октомви курдските борци по повеќенеделните жестоки борби и со голема помош на американските воени удари, успеаја да го одбранат градот Кобани на сириско-турската граница.
Ебола
Епидемијата на ебола се ширеше во западна Африка, илјадници заболени во Гвинеја, Сиера Леоне и Либија. СЗО најновата епидемија ја прогласи за најголема и најсмртоносна од кога пред 40 години овој вирус на ебола е идентификуван.
До средината на декември според податоците на СЗО од последиците на вирусот во Сиера Леоне, Либија и Гвинеја, три најтешко погодени западно африкански земји, умреа 7200 лица. Според последните податоци на СЗО во Сиера Леоне забележани се 8273 случаи и таа земја стана држава со најголем број на заразени од смртоносниот вирус, надминувајќи ја Либија со 7797 случаи.
И додека Сиера Леоне има намера поради еболата да забрани прослава за Божик, во Мали и последниот пациент кој заздравува во декември излезе од болница.
Од ебола надвор од Африка до средината на декември заболеле 22 лица, а 6 починале. Во САД имало 10 случаи, а болеста е потврдена и во Шпанија, Германија, Франција, Норвешка, Британија, Италија и Швајцарија.
Лекарите, болничарите и други медицински лица кои се борат против епидемијата на ебола во западна Африка, американското списание Тајмс ги прогласи за лица на годината, поради неуморните дела и сочувства, поради тоа што на светот обезбедија време да ја зајакне одбраната, поради изложувањата на ризик, поради својата упорност, жртвите и спасувањето на животи.
Референдуми
Од бројните референдуми во 2014 година, само шкотскиот референдум го призна централната власт, каталонскиот шпанската влада го осуди, референдумите во Украина Киев не можеше да ги спречи, а италијанската влада венецискиот не требаше ни да го свати сериозно.
Само на дозволените референдуми граѓаните не избраа независност. Шкотланѓаните одлучија да останат во Обединетото Кралство: од над 4,2 милиони Шкотланѓани, 55 од нив одговорија негативно на прашањето Дали Шкотска треба да стане независна држава? Аналитичарите сметаат дека шкотските граѓани се определија за посигурна варијанта поради несигурноста за тоа што ќе донесе независноста.
На изјаснувањето на Крим, во Доњецк и Луганск, кои Киев и меѓународната заедница не ги признаваат, воопшто не беше проблем каков ќе биде резултатот, бидејќи гласаше само една страна, а и на тој каталонскиот, кој беше спакуван во советодавно изјаснување бидејќи владата во Мадрид го прогласи за нелегален, исто така евидентно излегоа само поборници за каталонска самостојност.
Бел полицаец, мртов Афроамериканец
Августовското полициско убиство на невооружениот црн тинејџер Мајкл Браун предизвика гнев во американската јавност, а по одлуката на поротата кон крајот на декември да не го процесуира полицаецот, почнаа маршеви во цела Америка. Во Фергусон, предградие на Сент Луис, демонстрантите се судрија со полицијата, а демонстрации беа организирани во Окланд, Сиетл, Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк, како и пред Белата куќа во Вашингтон.
Состојбата во Фергусон едвај се смири, кога пред Денот на благодарноста беше објавена нова видео снимка на која полицаец убива црно 12 годишно дете со пластичен пиштол во Кливленд. Јавноста виде снимка како бел полицаец со давење усмртува црнец на улица во Њујорк.
Недолго по нередите поттикнати од случајот во Фергусон, Комитетот на Обединетите нации против мачење, ја осуди во Женева прекумерната употреба на сила и огнено оружје во американската полиција против невооружени црнци. Се проценува дека американските полицајци убиваат околу 400 лица.
Вселена
Првпат вселенско летало успешно слета на комета. Сондата Филај се одвои од вселенскиот брод Росета и слета на кометата 67 Чурјумов-Герасименко, 500 милиони километри од Земјата. Тоа беше прво контролирано спуштање на комета во историјата. Завршетокот на авантурата започната пред 20 годии на која се потрошени 1,3 милијарди евра. Потоа научниците од Европската вселенска агенција објавија дека Филае по тешкото слетување останал приклештен меѓу две карпи кои му го кријат Сонцето, па соларните батерии нема да можат да се полнат, што значи дека ќе се задоволат со податоците кои ќе ги добиваат додека му работат батериите.
Во декември американската вселенска агенција НАСА беше воодушевена од успешното лансирање и приземјување на беспилотната вселенска капсула Орион, што е оценето како ново време во истражувањето на вселената. – Мислам дека ова е голем ден за светот, за луѓето кои ја познаваат и сакаат вселената – рече директорот на НАСА Чарлс Болден. Експерименталниот лет на Орион треба да истрасира пат на евентуалното превезување на луѓе на Марс и претставува историски чекор во вселенските летови, како првото лансирање од програмата Аполо во 1961 година или лансирањето на првиот ракетоплан во 1981 година, рекоа во НАСА.
SpaceShipTwo, вселенски брод на компанијата Virgin Galactic наменет за вселенски туризам, се сруши на пробен лет кон крајот на октомври во пустината Мохаве, веднаш по полетувањето, а копилотот загина.
Кон крајот на годината првиот жив нобеловец ја продаде својата награда. Џејмс Вотсон кој со уште двајца колеги е награден во 1962 година за откритие за структурата на ДНК, е огорчен што научната заедница веќе со години го игнорира откако во 2007 година предизвика скандал поврзувајќи ја расата и интелигенцијата и предизвикувајќи сомневање во иднината на Африка, на понудата за медал од 23 каратно злато добил околу 27 милиони куни. Купувачот, рускиот тајкун Алишер Усманов, рекол дека ќе му го врати медалот.