Таканаречениот „телевизиски базен“ на Белата куќа, кој го сочинуваат Fox News, NBC, CBS и ABC, престана да ги следи настаните наменети за заедничко известување.
Одлуката дојде како протест откако администрацијата на Доналд Трамп му оневозможи на CNN да ја извршува својата улога како главен телевизиски претставник.
Телевизиските мрежи одлучија да престанат да ги следат сите настани предвидени за известување од Белата куќа, вклучително и посетата на Трамп на Њујорк по повод Генералното собрание на ОН. Со тоа директно е ограничен преносот во живо и медиумското известување за неколку клучни активности на претседателот.
Системот „телевизиски базен“ е воспоставен со цел една телевизиска куќа да ги снима претседателските настани на кои нема простор за сите новинарски екипи, а добиениот материјал потоа се споделува со сите останати медиуми.
Кога сите мрежи одбија да учествуваат во овој систем без присуство на CNN, Белата куќа практично остана без стандардниот телевизиски пренос.
Оваа одлука претставува значаен удар за администрацијата на Трамп, а особено внимание привлече учеството на конзервативниот Fox News, медиум кој важи за близок до претседателот и чија програма Трамп често јавно ја пофалува.
Заедничкиот бојкот на медиумите доаѓа истиот ден кога CNN, MS NOW и Politico поднесоа тужба против администрацијата на Трамп, обвинувајќи ја за кршење на Првиот амандман на американскиот Устав и обид да го диктира начинот на кој медиумите известуваат.
