Кандидатот на опозицијата за претседател на Уганда, Роберт Кјагуланиј, познат како Боби Вајн, беше уапсен денеска заедно со неговиот изборен штаб во градот Калангала, во централна Уганда, пренесува Гардијан.
Апсењето го потврди и претставникот на партијата на Вајн, Платформа на национално единство, Џоел Сениониј.
– Полицијата ги стави во комбе и ги однесе, но не знаеме каде, рече Сениониј.
Боби Вајн се наметна како најсилен противник на претседателот Јовери Мусевени (76) на претседателските избори на 14 јануари.
Во ноември годинава најмалку 54 лица загинаа откако избија протести поради кусото притворање на Вајн, кој беше осомничен за кршење на ограничувањата наметнати поради пандемијата на коронавирус. Полицијата тогаш потврди дека биле уапсени скоро 600 лица поради немирите и наводните грабежи, но се уште не ги коментира последните апсења на Вајн и неговите соработници.