Два авиона со помош од Европската унија за жртвите од разорниот земјотрес, што на почетокот на февруари ги погоди Турција и Сирија, слетаа денеска во Дамаск, соопшти Европската комисија.
Ова се првите авиони во хуманитарниот воздушен транспорт за Сирија, а доставија шатори, опрема за засолништа и грејни тела, соопшти Комисијата. Планирано е и испраќање дополнителна помош со авион во Дамаск.
Авионите превезувале залихи од магацините на ЕУ во Дубаи и Бриндизи.
Помошта е наменета и за сириското население во областите под контрола на владата на претседателот Башар ал Асад и во областите кои не се под контрола на владата.
Во соопштението се нагласува дека ЕУ донира хуманитарна помош за сите страни во Сирија „врз основа на хуманитарните принципи на непристрасност и неутралност“.
Комисијата соопшти дека ќе бидат пренесени вкупно 420 тони помош, од кои 225 тони во вредност од 1,1 милион евра ќе бидат од Европскиот капацитет за хуманитарен одговор.
Остатокот го понудија 15 земји-членки на ЕУ по активирањето на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ на 8 февруари.
Донациите вклучуваат шатори, кревети, ќебиња, греалки, комплети за хигиена, генератори, храна и медицински материјали.