Властите во Нагорно-Карабах воведоа воена состојба и целосна мобилизација на машкото население по ескалација во азербејџанско-ерменскиот конфликт. Тоа го нагласи во изјавата денеска претседателот на регионот Араик Арутјунјан во Степанакерт.
„Почнавме со мобилизација на сите граѓани над 18-година возраст. Објавивме воена состојба“, изјави тој.
Ерменската војска објавила снимки на кои наводно се гледа како се уништени азербејџански тенкови, меѓутоа не е потврдена нивната веродостојност.
„Нашиот одговор ќе биде пропорционален а воено-политичкото раководство на Азербејџан ќе ја преземе целата одговорност за ситуацијата“, се наведува во соопштението.
Руското МНР повика за итен прекин на огнот и преговори.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан изјави дека азербејџанските вооружени сили почнале офанзива во насока на Нагорно Карабах. Според ерменското Министерство за надворешни работи, азербејџанската армија бомбардира населени места, вклучително и главниот град на непризнатата република Степанакерт.
Турција го поддржува Азербејџан и ги осуди новите акции на Ерменија во Нагорно-Карабах. Официјален претставник на турскиот претседател, Ибрахим Калин на Твитер објавил дека Турција остро ги осудува нападите на Ерменија. Тој оценил дека Ерменија повторно го прекршила меѓународното право и покажала дека не сака мир и стабилност.