Владата во Единбург го промовираше планот за спроведување и уредување на независна Шкотска, доколку на референдумот, предвиден за есента 2014 година, мнозинството шкотски гласачи се изјаснат за отцепување на земјата од Велика Британија.
Според овој план, што е изработен од Владата на првиот министер Алекс Салмонд, лидер на владеачката, сепаратистистичка СНП партија, како ден на независност ќе биде определен еден ден во март 2016 година. Првите избори за независна Шкотска, пак, би се одржале во мај истата таа година.
Планот предвидува и постоење на напишан Устав, каков сега нема во Велика Британија, во кој ќе бидат изразени „вредностите на луѓето кои живеат во Шкотска“.
Во британската политичка јавност, појавувањето на планот за тоа како ќе се уреди идната, независна шкотска држава, се опишува како обид на СНП и на Владата во Единбург да се испровоцираат британските министри и Владата во Лондон, да прифатат уште од сега преговори со влстите во Единбург за транзиција на земјата.
Оставениот период, од референдумот, до (евентуалното) прогласување на независноста, од околу 18 месеци е оставено за да се завршат сите прегвори со британската Влада околу трансферот на власта.
Претставник на британскиот премиер Дејвид Камерон, објасни дека „нема да има никакви претходни преговори околу независноста“ на овој дел од Обединетото Кралство.