Владите на 74 земји од светот во првите шест месеци од 2013 година побарале од Фејсбук информации за повеќе од 38.000 корисници, објави социјалната мрежа во својот прв Глобален извештај за владини барања.
На списокот е наведена и Македонија – властите испратиле девет барања за информации за 11 корисници, а позитивно било одговорено на само три барања.
Најмногу барања до Фејсбук (11.000 до 12.000) испратиле американските власти, кои барале информации за 20.000 до 21.000 корисници. Следуваат Индија, Британија, Германија, Италија и Франција.
Главниот правен советник на Фејсбук, Колин Стреч, објасни дека компанијата поставила висок праг за одговор на барањата од владите и оти темелно било преиспитано секое барање.
Извештајот е одговор на глобалните критики на Фејсбук откако беше обелоденето дека компанијата соработува со американските разузнавачки агенции.