Ограничен број муслимански верници ќе присуствува на вечерашната ноќна молитва, Тарави, во Големата џамија во Мека, соопштија локалните власти. Ова е втора година како чествувањата за светиот муслимански месе Рамазан се одржуваат под строги правила за заштита од коронавирусот.
Речиси две милијарди муслимани ширум светот ќе го одбележат првиот ден од рамазанските пости, кои почнуваат со младата месечина.
Според исламските верувања, месецот Рамазан е месецот во кој Бог му ги открил првите стихови од Коранот на пророкот Мухамед, а традиционално, Рамазан се одбележува со строг пост кој трае секој ден од изгрејсонце до зајдисонце.
Во изминатите години, светилиштата во Мека и Медина беа преполни со верници од целиот свет, но годинава се воведени строги рестрикции. Влезот во Џамијата на Пророкот во Медина ќе им биде дозволен само на верниците кои се вакцинирани против Ковид-19 или ја прележале инфекцијата. Властите предупредија дека ќе бидат казнети сите верници кои не ги исполнуваат овие услови, а ќе се обидат да влезат во Големата џамија во Мека.