Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека денеска попладне ќе започнат нови преговори меѓу САД и Иран, откако, како што тврди, го откажал планираниот голем воен напад врз земјата за да им даде шанса на дипломатските напори.
Говорејќи пред новинарите во претседателскиот авион, Трамп изјави дека Иран бил свесен за обемот на подготвуваната воена операција.
„Знаеја колкав ќе биде нападот затоа што видоа дека се подготвува. Разговараме со нив преку преговори“, рече Трамп.
Претходно, на својата социјална мрежа Truth Social, тој објави дека Иран, како и американските сојузници на Блискиот Исток, побарале да се одложи нападот бидејќи биле договорени „рамки“ за можен договор.
Трамп потврди дека престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, како и партнерите од Обединетите Арапски Емирати и Катар, побарале САД да не изведуваат напад за време на викендот.
„Сè беше подготвено. Побараа одложување затоа што сметаат дека договор е можен. Постои договор околу Ормутскиот Теснец, а ќе има и за нуклеарната програма“, изјави Трамп, додавајќи дека не сака да поставува рокови за постигнување договор со Техеран.
„Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Подготвени сме да дејствуваме кога и да посакаме… Не сакам да убивам луѓе“, додаде американскиот претседател.
Од Иран засега нема официјален одговор на изјавите на Трамп. Сепак, полуофицијалната новинска агенција „Мехр“ објави дека Техеран не побарал одложување на американски воени акции и ги оцени изјавите на Трамп како „уште една лага“.
Во меѓувреме, иранските медиуми ја пренесоа изјавата на министерот за надворешни работи Абас Арагчи, според која разговорите со Оман за договор поврзан со Ормутскиот Теснец се „пред самиот крај“.
По најавата на Трамп, цените на нафтата забележаа пад на азиските берзи. Цената на суровата нафта Брент се намали за 4,5 проценти, на 83,98 долари за барел, додека американската WTI нафта поевтини за 4,6 проценти, на 80,74 долари.
Пазарите остануваат чувствителни поради нестабилноста во Ормутскиот Теснец, низ кој се транспортира околу 20 проценти од светската сурова нафта и течниот природен гас.
Трамп не откри каде ќе се одржат денешните преговори ниту кои претставници ќе учествуваат во нив.
Американскиот претседател откри и дека планираните воздушни удари требало да бидат „најголемиот напад од Втората светска војна“, но биле откажани за да не се загрозат шансите за дипломатско решение на конфликтот. Тој не одговори дали цел на нападите требало да биде и иранската енергетска инфраструктура.
Инаку, Трамп и претходно испраќаше остри предупредувања кон Техеран, по кои следуваа повици за дипломатско решение. Во саботата изјави дека САД се „подготвени и вооружени за акција против Исламската Република Иран со воена моќ каква што не е видена од Втората светска војна“.
Од иранска страна, вршителот на должност министер за одбрана Маџид Ибн ал-Реза порача дека Техеран секоја закана ја смета за реална и веродостојна.
„Нема да бидеме затекнати неподготвени, ниту ќе останеме пасивни“, изјави тој.
Во меѓувреме, дел од американските аналитичари предупредуваат дека војната и нејзините економски последици стануваат сè понепопуларни меѓу американските гласачи, вклучително и кај дел од републиканците, што може да има политички последици пред конгресните избори во ноември.
