Полицијата во Перу открила таен тунел долг повеќе од 200 метри во близина на затворот „Мигел Кастро Кастро“ во главниот град Лима, а се смета дека бил ископан за низ него од затворот да избега Србинот Зоран Јакшиќ, осуден за трговија со дрога.
Влезот во подземниот ходник, кој не бил докрај ископан, е пронајден во автомеханичарска работилница на Авенијата „Санта Роса“, која се наоѓа веднаш до задниот ѕид на озлогласениот затвор. Другиот крај на тунелот требало да излегува во делот од затворот во кој има најмалку обезбедување.
Истражителите во Перу изразија сомнеж дека изградбата на толку сложен и голем тунел би можело да биде дело на искусните мексикански инженери и работници кои и претходно учествувале во слични нелегални акции.
[EN VIVO] #ANCentral Hallan túnel de 180 metros cerca del penal Castro Castro https://t.co/et3w3GWJuY pic.twitter.com/n3p6e3Fv52
— América Noticias (@noticiAmerica) December 8, 2020
Полицијата соопшти дека тунелот се наоѓа на длабочина од шест до осум метри, а во него се пронајдени вреќи со песок и дел од опремата користена за копањето. Се проценува дека изградбата на подземниот премин започнала пред една и пол година, како и дека чинела половина милион долари.
Уште првиот ден кога бил откриен тунелот, се појавиле сомневања дека тој бил подготвен за бегството на српскиот нарко бос Зоран Јакшиќ, кој во Перу е осуден на 25 години затвор за трговија со кокаин, како член на меѓународниот Клан Америка, јавија медиумите од земјата, повикувајќи се на проверени извори.
Информациите за можно бегство на Јакшиќ стигнале до надлежните уште на почетокот на минатата година, па тој поради превенција бил пренесен во друг затвор, но во март годинава бил повторно вратен во затворот Кастро Кастро, најстариот и најголемиот во Перу.